РЕК Битола слави 40 години – требаше да работи 35 години, но ако се затвори Македонија ќе остане без струја
Работниот век заврши пред 5 години, но и натаму РЕК Битола е најважен рударско-енергетски комбинат во земјава од кој зависи дали жителите на Македонија ќе имаат струја.
„На 4 ноември 1982 година, во 23.53 часот беше извршена синхронизацијата со електропреносниот систем на Југославија. Овој енергетски гигант има голема важност за осамостојувањето на Македонија и ден денес е срцето на економијата“, вели репортерот на ТВ21.
Во Битола за прв пат денеска се одржа одбележување, за како што рекоа домаќините да се оддолжат барем за она што РЕК го правел 40 години за сите граѓани на државата.
„И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола е доминантен производител на електрична енергија во земјава. Во моментов, со наша заедничка заложба, АД ЕСМ, а во најголем дел РЕК Битола, успешно и континуирано обезбедува 100% од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во државата во кои се вработени најголемиот дел од нашите работници“, порача Димитар Ковачевски.
„Ние носиме одлуки во Влада, заедно со премиерот Ковачевски, повикувајќи се на анализите и работата и зборот кои ни го даваат овие луѓе. Денеска само заради работата на овие луѓе работата на ЕСМ носиме одлуки кои ќе влијаат кон намалување на цените на прехранбените продукти. Ќе влијаат во незголемување на цената за водата за пиење, кои за жал некои општини веќе ги донесе, а за да се направи тоа мораше да се зголеми производството на овој капацитет кој е 40 години стар“, истакна Крешник Бектеши.
Од локалната организација на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, велат дека 40-те години постоење, СДСМ за 4 години успеале да го донесат РЕК во колапс, додавајќи дека ќе поднесат кривична пријава.
„Не е ни чудно што криете од граѓаните какво погонско гориво користите за работа на блоковите, кој е соодносот на јаглен и мазут, кој го контролира и со каков квалитет е мазутот? Кажете им на битолчани колку го зголемивте загадувањето со замената на јагленот со мазут. Екоцид – тоа е вашето бандитско „знаење и умеење”, вели Горан Исков.
Државната енергетска стратегија предвидува транзиција кон гас и обновливи извори на енергија. Со планот е предвидено и постепено затворање на РЕК Битола, кој пак е виновен и за дел од загадениот воздух кој го дишат битолчани.
„РЕК Битола има три блока, од кои во моментов во фунција се два, поради тоа што еден е во ремонт откако минатата година се случи хаварија при што оштетен беше трансформатот. Планот на ЕСМ е и тој да биде пуштен во производство, бидејќи земјава надежта за пребродување на енергетската криза, државата ја гледа токму во овој енергетски гигант кој произведува над 80% од потрошувачката во Македонија“, додава репортерот на ТВ21.На стотици метри се наоѓа и Рудникот Суводол, од каде РЕК се снабдува со јаглен. Иако со низок квалитет, според анализите за ископ има уште за 10 години, а потоа ќе мора да се стави клуч на комбинатот. Планот на истото место да се постават фотоволтаици, како и гасна централа која ќе произведува топлинска енергија за Битола.