РЕК „Битола“ работи со еден блок, првиот блок запрен заради редовна ревизија
Во пресрет на зимата и кога цената на струјата на берзите руши рекорди, најголемиот производител на струја во земјава се соочува со низа проблеми…
ЕСМ без конкретен одговор зошто не дале понуда на тендерот на ЕВН Хоум на кој требаше да се обезберди струја за домаќинствата за наредната година. Не е познато ниту кога ќе се повтори тендерската постапка. Според информациите ЕСМ се уште анализира по која цена да продава струја на Универзалниот снабдувач.
Според закон, ЕСМ е обврзано да обезбеди 60% од потребите за домаќинствата и малите потрошувачи. Надлежните уверуваат дека не прекршен законот бидејќи рокот до кога ЕСМ треба да даде понуда е до крајот на годинава. Владата уверува дека државните електрани ќе ја обезбедат потребната количина струја.
„Владата гарантира дека АД ЕСМ согласно Законот за енергетика и следната година ќе ги обезбеди потребните количини на електрична енергија за да ги задоволи потребите за домаќинствата и малите потрошувачи.“
ЕСМ досега струјата на ЕВН Хоум ја продаваше по 36 евра за мегават час, а таа на светските берзи чини минимум 200 евра за мегават час.
Во меѓувреме под знак прашалник е и производството на струја од РЕК Битола. По двете хаварии и вчерашното исклучување на вториот блок, денеска пак надвор од функција е првиот поради – како што тврдат од ЕСМ редовна ревизија.
А, Државни електрани објави ново барање за набавка на струја.Овој пат бараат 7 200 мегавати за утре и задутре.