ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Радев во Германија: Цивилизацискиот избор на бугарскиот претседател

Радев мора да го направи својот цивилизациски избор: јасно да каже дека Русија е агресор, а Украина жртва и да ѝ го отвори патот на С. Македонија во ЕУ. Берлин е соодветна платформа за ова. Коментира Александар Андреев.

Бугарскиот претседател Румен Радев е во официјална посета на Берлин во крајно напнат, ако не и судбоносен, момент од современата европска историја. А во судбоносни моменти мора да се носат јасни и недвосмислени одлуки. Храбри одлуки. Радев денес се наоѓа во поволна ситуација да донесе две такви одлуки и недвосмислено да ги соопшти од говорницата во Берлин, од која ќе го слушне целиот свет. Две одлуки кои на значителен дел од бугарските гласачи нема да им се допаднат, но ќе го впишат името на Радев во историјата. Две одлуки за кои не е потребна ни толку храброст, бидејќи бугарскиот претседател не креира оперативна политика – прави само важни политички гестови. Овие две одлуки се всушност прашање на цивилизациски избор. 

Потребна е политичка храброст и јасен став 

Пред сѐ, Радев мора еднаш засекогаш да се издвои од големата група луѓе во Бугарија кои велат: „Да, Русија ја нападна Украина и оваа војна е страшна, но…“. Бидејќи тука нема никакво „но“, реченицата треба да заврши со точка пред „но“.  Всушност, бугарскиот претседател прво мора да има доволно политичка доблест да ја каже целата реченица пред тоа „но“. На крајот на краиштата, нели во клучните моменти како сегашниот, мора да се заземе јасна политичка позиција, необременета од никакви задршки, никакви „но“, а камоли од немоќните (а можеби и манипулирани со одредени цели) желби да се одржи некаква, т.н. неутралност. Во име на Бугарија, Радев е должен гласно да каже дека Русија е агресор, а Украина- жртва. И дека Украинците заслужуваат секаква помош, вклучително и во оружје. Неговите берлински домаќини веќе собраа храброст да го сторат тоа. 

И претседателот Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц (и двајцата социјалдемократи) долго време се обидуваа да маневрираат, грчејќи се во нивниот двоен став кон Русија. Да потсетиме дека Штајнмајер ја започна својата кариера како шеф на кабинетот на Герхард Шредер, а Шолц долго време тајно ги бранеше руските енергетски проекти, чиј главен диригент имено беше поранешниот канцелар Шредер.  

Меѓутоа, во последните недели и претседателот и канцеларот го направија она што се очекува од одговорни политичари од земја-членка на ЕУ и НАТО, кои сериозно ги сфаќаат вредностите како слободата, демократијата и човековите права: тие зазедоа недвосмислен став. Токму истото треба да го направи и Румен Радев. Притоа, нема потреба да се премолчува дека Бугарија поради нејзината енергетска зависност од Русија е во многу тешка ситуација. Напротив, нека каже исто толку јасно, бидејќи во политиката тоа се прави токму вака: заземате правилен и достоинствен став и кажувате колку ве чини. 

Судбоносен политички момент 

Второ, бугарскиот претседател би дал значаен придонес во зајакнувањето на ЕУ, Европа и целиот прогресивен и демократски свет, доколку недвосмислено го поддржи брзиот пристап на Северна Македонија во Европската Унија. И тоа без да се инсистира на повеќето актуелни бугарски услови, кои и онака во најголем дел се параван кој го прикрива плашливото усогласување со заостанатото и неинформирано јавно мислење во Бугарија. Да, треба јасно да се каже дека Скопје има уште домашни задачи за пишување во односите со Софија и во преиспитувањето на историјата, но сето тоа може да остане за периодот по почетокот на преговорите, кој Бугарија во моментов го блокира. Да не се сомневаме дека германските соговорници на Радев ќе очекуваат од него да покаже мудрост, политичка предвидливост и решителност во актуелниот судбоносен политички момент. И да не заборавиме дека актуелната влада во Москва жестоко се бори да го спречи приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ. 

– „Петтата колона“ на Русија во Бугарија 

Се разбира, во Берлин шефот на бугарската држава секако ќе разговара со домаќините и за други важни билатерални прашања. Економската соработка меѓу двете земји напредува и заслужува политичко охрабрување. Повеќе од 300.000 Бугари официјално живеат во Германија, повеќето од нив добри професионалци и чесни даночни обврзници – за овие луѓе треба почесто да се зборува отколку за Бугарите во Германија, кои преживуваат благодарение на дарежливиот социјален систем. Иако не е главна туристичка дестинација за Германците, Бугарија нуди сè поатрактивни можности, вклучително и во областа на бањскиот, медицинскиот и стоматолошкиот туризам – претседателот сигурно нема да ја пропушти оваа важна тема. А неговите соговорници секако нема да пропуштат уште еднаш да го покренат загрижувачкото прашање за владеењето на правото во Бугарија, кое сѐ уште не ги задоволува европските стандарди. 

Две историски одлуки за Претседателот 

Но, сите овие билатерални теми, кои во мирно време ќе беа најважни за време на бугарската државна посета на Германија, денес се само придружна програма. И Румен Радев тоа секако го знае. Можеме само да се надеваме дека тој е свесен за двата историски избори со кои се соочува за време на неговата посета на Берлин. Два цивилизациски избори кои се сведуваат на истото: дали се чувствува приврзан за западните вредности или за рускиот империјализам и дали безусловно ги поддржува партнерите и сојузниците од ЕУ и НАТО на еднаква основа. Едноставно е.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.