ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Работодавачи: Ново зголемување на минималецот може да доведе до отпуштања, Синдикатот задоволен

Стопанствениците не се среќни со најавите на Владата дека годинава ќе има ново зголемување на минималната плата, откако во октомври 2017 година сегашната Влада ја зголеми на 12 илјади денари. Дел од нив велат дека се затечени и велат дека тоа за фирмите нема да биде финансиски издржливо. Од Организацијата на работодавачи сметаат дека секое поголемо зголемување на платите од она што е утврдено со сегашниот Закон за минимална плата, е проблематично и може да доведе до отпуштање на дел од вработените.

Во Законот за минимална плата е регулиран начинот на зголемување на минималната плата – една третина од порастот на БДП, една третина од порастот на инфлацијата и една третина од порастот на платите. Секое поголемо зголемување од ова е проблематично и ќе предизвика намалување на бројот на вработените, особено во трудоинтензивните сектори. Со зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари, речиси сите плати се најдоа во еден многу тесен дијапазон, што доведе до урамниловка, а евентуалното ново зголемување ке предизвика отпуштање на работници, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи на Македонија.

Синдикатот, пак, ја поздравува владината најава, но велкат дека за граѓаните да имаат подобар и достоинствен животен стандард, во следните две години минималната плата треба да ја зголеми до ниво да биде најмалку 60 отсто од просечната, што би значело да надмине најмалку 14.400 денари.

Сметаме дека минималната плата треба да се врзе најмалку со 60 отсто од просечната плата во земјава, бидејќи сегашната плата не е доволна за достоинствен живот на гражаните. Има работници што работат по 12 часа, а зем,аат едвај над минималната плата, вели Ристо Ајтов, Сојуз на синдикати на Македонија.

Сојузот на синдикатите смета и дека зголемувањето на минималната плата според одредени параметри треба да се вгради во законот и тоа да се одвива скалесто, а не зголемувањето на минималната плата да зависи само од владина одлука.

Премиерот Зоран Заев, пак, кој вчера ја фрли „ракавицата“ со најавата за зголемување на минималната плката, денеска повторно вели дека Владата ја соопштила намерата, а сумата не е сеуште позната. Владата, вели, допрва ќе почне транспарентен процес на преговори со засегнатите страни, а тоа се работодавачите и синдикатот.

Тоа ќе биде транспарентен процес. Ќе преговараме со синдикатите и исто така со работодавачите. И медиумите ќе бидат вклучени за да известуваат за процесот, бидејќи ние сме солидарна држава. Ние веќе еднаш така направивме кога ја зголемивме минималната плата првиот пат, вели премиерот Зоран Заев.

Всушност, Владата има намера преку растот на минималната плата, да го поттикне растот на просечната плата во земјава, за која вети дека до крајот на нејзиниот мандат ќе изнесува 500 евра. Минатата година земјава ја заврши со просечна плата од околу 24 илјади и 300 денари, или 400 евра.

Според синдикалните пресметки, со минималната плата која сега е нешто над 12 илјади денари, се покриваат само 37 отсто од трошоците пресметани во минималната синдикална кошница, која за ноември лани беше 32.545 денари.

Според истражување што го направи Дојче Веле, во европските земји микнималната плата не секогаш и не секаде ги заштитува граѓаните од сиромаштијата. Германија е меѓу земјите со највисока минимална плата во Европа, или, за полно работно време, се добива околу 1.500 евра бруто плата. Од 1 јануари годинава работодавците мораат да платат минимум 9,19 евра на час, односно 35 центи повеќе отколку досега.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.