Путин: „Доколку Украина стане членка на НАТО и се обиде да го врати Крим со сила, ќе има војна
Шестчасовната средба, зачинета со специјалитети од месо од ирвас, руско вино и боровинки ги релаксираше односите меѓу Москва и Париз, но главните недоразбирања меѓу Русија и Западот остануваат.
Рускиот претседател Путин оцени дека дел од предлозите на францускиот колега Макрон се добра основа, но оти се уште е рано да се затворат клучните прашања. Во однос на најголемата руска грижа, евентуалното членство на Украина во НАТО, Макрон повтори дека не може да се укине правото на државите самите да го одредат својот пат. Таквото сценарио, според Путин, води до најлошата опција.
-Aко Украина влезе во НАТО и со воени средства го врати Крим, европските земји по автоматизам ќе бидат вовлечени во воен конфликт со Русија. Победници нема да има, а вие ќе се најдете вовлечени во тој конфликт против ваша волја. , изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
-Двајцата сме свесни за сериозноста на ситуацијата и за итната потреба, што е императив за сите, да се најде патот кон зачување на мирот и стабилноста во Европа. Историскиот и стратешки дијалог што го изградивме во последните децении може да би помогне во тоа. , изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Паралелно со полноќната прес-конференција во Москва, од другата страна на атлантикот американскиот претседател Бајден го прими германскиот канцелар Шолц. Бајден порача дека е подготвен на Москва да и ги наметне најжестоките санкции до сега, вклучително да стави крај и на 11 милијарди вредниот гасовод Северен Поток, кој е од огромно значење и за Русија и за Германија.
-Ако Русија изврши инвазија, што значи тенкови и војска ја поминат границата на Украина повторно, тогаш нема повеќе гасовод „Северен поток-2″. Ќе му ставиме крај. , изјави Џо Бајден, претседател на САД.
– Дали денеска ќе се обврзете да се откажете од „Северен поток-2“?
-Како што веќе реков, ние постапуваме заеднички, целосно сме обединети и нема да преземеме различни чекори. , изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија
Вашингтон проценува дека Русија има распоредено над 100 илјади руски трупи долж границата со Украина, што претставува 70 проценти од капацитетите потребни да се изврши инвазија во земјата.