ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Притисок врз црногорската дијаспора пред вториот круг претседателски избори

Борбата за гласовите на дијаспората, па дури и обиди да се попречи нивното доаѓање на гласање во Црна Гора, го обележаа предизборието пред вториот круг од претседателската трка меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ

Кампањата, пред вториот круг од претседателските избори во Црна Гора, за кои на 2 април ќе се одлучува меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, е одбележана со борба за гласовите на дијаспората, како и обиди да се попречи нивното доаѓање во Црна Гора.

Ѓукановиќ е кандидат на Демократската партија на социјалистите (ДПС), а Милатовиќ од Движењето Европа Сега (ПЕС).

Свое присуство на изборите најавија дел од граѓаните на Црна Гора кои живеат во странство и имаат право на глас, што предизвика реакција кај поддржувачите на Милатовиќ бидејќи сметаат дека дијаспората е наклонета кон Ѓукановиќ.

Така, на социјалните мрежи може да се најдат предупредувања, па дури и закани кон припадниците на црногорската дијаспора, особено Бошњаците и Албанците кои живеат во Западна Европа.

„Изненадена сум и зачудена од леснотијата со која јавно изјавуваат ‘Кои се тие дека ни се мешаат во животот’“, изјави граѓанската активистка Дина Бајрамспахиќ за Радио Слободна Европа, и додава дека „тие коментари содржат национализам и исламофобија“.

Од ДПС на Ѓукановиќ се јавиле во Полициската управа да ги пријават заканите.

Институциите се должни да ги обезбедат уставните права на сите граѓани на Црна Гора и секој понатамошен обид за заплашување на нашата дијаспора ќе го сметаме за нивна одговорност“, соопшти ДПС и ја повика дијаспората слободно да гласа на овие и на сите идни избори.“Управата за соработка со дијаспората при Владата на Црна Гора ја следи состојбата и ќе одговори на секоја злоупотреба или дискриминација на припадниците на дијаспората. Секое вознемирување е недозволиво, како кон поединец, така и кон ранливи групи и припадници на помалку бројни народи. Институциите на Црна Гора нема да дозволат да биде загрозено нивното право на глас”, изјави за РСЕ помошник директорот на Управата, Арбен Јакупи.

Тој оценува дека дијаспората ќе дојде во Црна Гора на денот на изборите и ќе гласа на сличен начин како и граѓаните кои живеат во Црна Гора.

„Апелираме до сите граѓани да не наседнуваат на политичката хајка која постојано се крева во медиумите, а чија цел е расправија на домашното население со дијаспората“, посочува Јакупи.

Околу 150.000 граѓани во дијаспората со право на глас

Јакупи вели дека секој што има право на глас треба да го искористи како што е гарантирано со Уставот и законите. Изборниот закон на Црна Гора не предвидува можност дијаспората да гласа во дипломатски конзуларни претставништва, поради што треба да дојде во матичната земја за да гласа.

Според проценките на Управата, Црна Гора има голема дијаспора, поради што се вели дека дури уште една Црна Гора живее надвор од границите на државата. Кога станува збор за бројот на оние кои имаат право на глас во Црна Гора, тие се околу 150.000.

„Никогаш не е утврдена точната бројка бидејќи секојдневно имаме миграции. Во земјите од регионот со право на глас има околу 50.000 наши граѓани, односно во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Додека има околу 100.000 граѓани надвор од регионот во Европа и Америка“, вели Јакупи.

Тој наведува дека ниту поразвиените земји во светот немаат точни податоци за својата дијаспора, а нема ни Црна Гора.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.