ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ НЕ ПОБАРАЛЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ЕКО АВТОБУСИ ОТИ НИКОЈ НЕ ГИ ИНФОРМИРАЛ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ БИЛЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА МЕРКИТЕ

Ниту еден од приватните превозници лани не побарал од Град Скопје субвенции за да инсталираат уреди на гас или да купат еколошки автобуси. Во буџетот за заштита на животната средина во 2018 беа предвидени 325.000 евра за субвенционирање на приватните автобуски превозници како дел од мерките за намалување на загадување. Градоначалникот Петре Шилегов рече дека оваа мерка  ја воведуваат бидејќи голем број од приватните автобуси се стари и не ги задоволуваат еколошките стандарди.

Приватните превозни велат дека не побарале субвенции бидејќи ниту им било кажано, ниту градоначалникот Шилегов ги повикал на состанок за да им ги објасни условите за субвенционирање.

„На еден од ретките состаноци кои сме ги имале со градоначалникот Шилегов беше спомнато дека ќе се даваат субвенции за инсталирање на уреди на гас, но после тоа ниту некој нè информира, ниту бевме повикани да ни бидат соопштените деталите. Не може туку-така да аплицираме, треба да ни кажат колку пари ќе ни дадат, каква е стратегијата. Па кога даваат субвенции на граѓаните за велосипеди или печки на палети објавуваат оглас да ги информираат, а во него стојат условите. Ние повеќе пати сме барале средби со градоначалникот да му предложиме и наши идеи околу мерките за загадување, но немаме одговор. Од оваа една година откако Шилегов е градоначалник имаме впечаток дека не покажа доволно заинтересираност за јавниот превоз и нашите проблеми“, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.

Градоначалникот Шилегов вели дека не се точни ваквите изјави на приватните превозници и дека тие неколку пати се информирани за субвенциите кои им ги нудат.

„Превозниците се апсолутно незаинтересирани за мерките против загадувањето и подобрувањето на јавниот превоз. Неколку пати им е понудена можност за субвенционирање, доколку инсталираат уреди на гас или доколку купат нови еколошки автобуси Градот да им даде пари за учество, а останатата исплата да се врши на рати преку поволни кредити“, вели Шилегов.

Иако ниту еден од превозниците лани не побарал субвенции, Град Скопје и оваа година предвидува пари за субвенции за инсталирање уреди гас.

„Ги задржавме 20 милиони денари и во буџетот за 2019 година, иако воопшто не беа искористени парите од субвенциите понудени на приватните превозници во 2018. Планот е во оваа година да се изработат елаборати за гасифицирање на најчестите типови на автобуси користени од приватниците, за потоа уште еднаш да им се понуди да учествуваат во напорите за намалување на загадувањето, притоа намалувајќи си ги трошоците за секојдневната работа”, велат од Град Скопје.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.