ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Пресвртница или стапица: Руските трупи се повлекоа на другата страна на Дњепар

Руската армија соопшти дека почнала да се повлекува од областа Херсон, каде што е во тек украинската контра-офанзива против руските сили на југот на Украина. Киев предупреди дека Русите при повлекувањето сакаат да го претворат Херсон во „град на смртта“, оставајќи мински почиња.

Откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу нареди повлекување од западниот брег на реката Днепар во делумно окупираната област Херсон, според западните медиуми, ваквата  одлука претставува едно од најзначајните руски повлекувања и потенцијална пресвртница во војната која трае, речиси, девет месеци. Киев со претпазливост ја прими веста за повлекувањето на руските трупи од западниот брег на Днепар и градот Херсон.

„Мора да бидеме умерени во емоциите, како што е секогаш случај во војна. Нема да му откривам информации на нашиот непријател, но нашите операции продолжуваат – на југ и на исток. И сите ќе ги видиме резултатите многу брзо. Непријателот не ни дава ништо, не прави ништо како знак на добра волја. Сè што се случува е наше достигнување. Но, тоа е поврзано и со загубата на многу животи.“ – изјави Зеленски.

Генералот Сергеј Суровикин, кој неодамна стана заповедник на руските воени операции во Украина, изјави дека веќе не е можно да се доставуваат залихи во Херсон и предложи формирање дефанзивни линии на источниот брег на Днепар. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, повтори дека Москва е подготвена за преговори со Киев, нагласувајќи дека Русија не ги отфрлила преговорите. 

„Руската Федерација е подготвена да преговара со Украина, имајќи ја предвид реалноста која моментално се развива.“ – рече Захарова. 

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека повлекувањето од Херсон јасно покажува дека Русија има сериозни проблеми со својата војска. 

„Интересно е што чекаа на нашите избори пред да ја објават својата одлука за Херсон. Ова исто така докажува дека имаат сериозни проблеми со својата војска. Останува да се види дали Украина е подготвена да направи некакви отстапки за Русија.“ – изјави Бајден.

Способноста на Русија да ги задржи силите на западниот брег на Дњепар се најде под знак прашалник поради украинските удари на рутата за снабдување, наведуваат британски разузнавачи. Загубата на западниот брег на Дњепар веројатно ќе ја спречи Русија во остварување на нејзината важна стратешка цел – воспоставување копнен коридор кон Одеса, сметаат британски разузнавачи.

Please follow and like us:
fb-share-icon

About Post Author

Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.