Пратениците на одмор, за избори ќе мислат во септември!
Собранието не се подготвува за предвремени избори, за тоа се потребни подготовки – 100 дена претходно треба да се формира техничка Влада, дециден е претседателот на Собранието, Талат Џафери. И покрај тоа што во неколку наврати не може да ги лоцира пратениците, собранискиот спикер смета дека Собранието работи функционално. Вината за тоа што дел од предлог-законите останале неразгледани, ја гледа во претседателите на комисиите кои не закажуваат седници на работните тела.
-ПРАТЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА СИ ЈА ЗАРАБОТАТ ПЛАТАТА И ДА БИДАТ ВО САЛАТА, РЕЧЕ ЏАФЕРИ ВО ВРСКА СО НЕМАЊЕТО КВОРУМ НА СОБРАНИСКИТЕ СЕДНИЦИ.
Како пратеник може да поднесам иницијатива за распуштање на Собранието, но сметам дека предвремени избори не се потребни, категоричен е претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери.
„Нема потреба за предвремени избори. Еве, опозицијата бара предвремени. Нека поднесат предлог за распуштање на Собранието. Ако имаат 61 глас, ќе одиме на предвремени избори. Тоа не зависи од мене, рече Џафери, на брифинг со новинарите.
Проблемите во владејачката коалиција, пак, посочи Џафери, треба да се решаваат политички, а не со неприсуство и негласање на закони.
„Не е прашањето на еден субјект, туку еден, па друг субјект. Ако односите во извршната власт имаат проблем поради политичките договори, треба таму да ги решаваат. Мене политички договори не ме интересираат. Овде сме дојдени за гласање на закони“, појасни тој.
Поради немање услови за работа, минатиот петок не можеше да се изгласа дневниот ред по што Џафери ја прекина 79. седница, по што, на разговор беа повикани претседателите на политички партии од парламентарното мнозинство. На средбата со лидерите на парламентарното мнозинство не присуствувале Африм Гаши од Алтернатива и Павле Трајанов од ДС.
-Има две решенија или ќе бидеш присутен или ќе го распуштиш Собранието или направи друго мнозинство. Должни се да присуствуваат на седница, истакна тој. Грешат ако сметаат дека Собранието, како што потенцира, е точката каде што ќе поставуваат ултиматум. Не ме условуваат мене, туку граѓаните, рече претседателот на Собранието.
Собранискиот спикер рече дека од почетокот на неговиот мандат се одржани 83 седници со 973 точки на дневен ред. Завршени се 54 седници, додека незавршени се 29 со 80 точки. Во прегледот тој ја презентираше и работата на комисиите, каде што според него се заглавени повеќе закони и покрај тоа што биле исполнети условите и изминати роковите. Во тој контекст Џафери ги обвини опозициските пратеници, кои се претседатели на дел од комисиите, дека блокирале дел од законите.
Пратениците од понеделник официјално се на одмор, а редовна собраниска седница ќе биде закажана за 13 септември, а дотогаш ќе се одржуваат седници на комисии и продолженија на незавршени седници. (Ј.Ц.Г.)