ПРАЗНИЧНИ „ИЗГОР“ ЦЕНИ
Изгор цени по пазарите и маркетите, килограм јагнешко надминува 500 денари, табла јајца над 260 денари, домати 200 денари, краставици 120 денари, литар масло за јадење над 130 денари.
Пазарите полни со намирници, граѓаните ги прават последните подготовки за најголемиот христијански празник Велигден. Се пожалија дека за разлика од пред година-две цените сега се драстично зголемени.
За купувачите високи цени – за земјоделците, продавачите неисплатлива продажба. Велат дека со поскапување на бензинот, репроматеријалите, ѓубривото, трошоците за производство се драматично зголемени што не можат да се покријат ниту со сегашните зголемени цени.
Вообичаено за празници потрошувачката е зголемена и со повисоки цени граѓаните се обидуваат да ја подготват празничната трпеза.
Дека живеачката станува се поскапа покажуваат и податоците за синдикалната потрошувачка кошница и податоците од Заводот за статистика. Најголем дел од месечните трошоци или скоро 43 отсто се за храна, а дури 32 проценти за сметки што значи дека вкупно 75 отсто од месечните трошења одат само за основните потреби – прехрана и комуналии.
Според прогнозите, ценовниот притисок ќе продолжи односно инфлацијата ќе забрза и во следниот период.