По најавите за замрзнување на цената на лебот: Граѓаните велат дека одлуката е добра, но не е доволна – да се намалат и другите цени
Само леб ли ќе јадеме? Ова беше еден од коментарите во јавноста по најавата на министерот за економија Крешник Бектеши за замрзнување на цената на лебот на 33 денари. Мерката ќе важи од вторник и ќе биде на сила се додека е во интерес на граѓаните, рече министерот Бектеши на вчерашната прес конференција. Граѓаните кои ги анкетиравме со коментар дека е добро што се носи ваква одлука, но дека таа не е доволна.
„Ако се замрзне цената би било подобро нормално. Доволно е ама и не е, во однос на другите продукти и растот на цените. Би требало и другите основни прехранбени да се намалат“.
„Со оглед дека намалувањето е мало, нема да се одрази на нашиот домашен буџет. Треба Владата да ја смени одлуката и да воведе лимит“
„Со замрзнати цени, пак ќе се тера некако. Другите работи идат и… ќе земеш од едно и на другото ќе дадеш и па исто“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има целосно потфрлање во економската политика и дека ваквите мерки се само за да се покријат лошите резултати и неуспехот да се сопре бранот на поскапувањето на храната.
„Замрзнувањето на цените најверојатно доаѓа во знак на немоќ затоа што имаше многу ветувања дека владините мерки ќе успеат и ќе предизвикаат бран на поевтинување, што видовме, евидентно е дека не се случи. Сме виделе дека замрзнувањето на цените за жал не доведува до стопирање на растот на цените туку за жал може да предизвика само недостатоци или кусоци од одреден производ“, вели Миле Лефков.
Од прехранбениот сектор не се согласуваат со одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. Сметаат дека таа е избрзана и без консултација со нив и додаваат дека е неизвесно како пекарите ќе се справат со ваквата мерка и како таа ќе влијае на нивното опстојување.