По една година „виртуелно членство“, Османи прв седна на масата на НАТО
Во Брисел денеска се одржува прва средба со физичко присуство на министрите за надворешни работи на Алијансата, од почетокот на пандемијата
Министрите за надворешни работи на НАТО денеска на пладне ја почнаа првата сесија од дводневниот состанок во Брисел.
По пауза од една година, оваа е прва средба со физичко присуство на министрите за надворешни работи на НАТО од почетокот на пандемијата на ковид-19. На состанокот присуствува и актуелниот шеф на македонската дипломатија Бујар Османи, кој во периодот кога С Македонија стана членка на Алијансата беше вицепремиер за европски прашања, пред да ги заменат позициите со Никола Димитров.
Министерот Османи, ќе биде прв политички претставник од Северна Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северноатлантскиот совет од зачленувањето на нашата земја во НАТО, во март минатата година, што ќе биде искористено да оствари и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнери“,
Пред почетокот на редовниот состанок, Османи изјави во Брисел дека оваа година ја прославуваме годишнината од нашето полноправно членство во НАТО и Северна Македонија денес е дел од трансатлантското семејство на држави.
„Ова е историски момент и за мене и за мојата земја. За првпат сме физички на масата на министерскиот состанок во пресрет на нашата прва годишнина од полноправното членство во Алијансата“,
Нагласувајќи го членството во НАТО, како стратегиски успех за земјата, Османи потенцира дека на средбата ќе ја пренесе пораката оти Северна Македонија ги споделува заедничките вредности и стои на ниво на задачата со своето членство во Алијансата, придонесувајќи кон стабилноста на регионот, ширејќи ги вредностите на НАТО и активно придонесувајќи за надминување на заеднички предизвици.
Според најавите, шефовите на дипломатиите на НАТО ќе разговараат за агендата „НАТО 2030“, а се очекува да дадат свои коментари и сугестии и во однос на идната геостратегиска улога на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, како и да одобрат неколку одлуки во врска со темите што се предмет на дискусија.