Почнува претседателската трка – кандидатите ветија фер избори
Тројцата кандидати денеска и официјално ја започнуваат трката за претседател. Кампањата за шестите претседателски избори ќе трае 19 дена, а првиот круг завршува со гласањето на 21 април.
Под слоганот “Заедно напред”, кандидатото на СДСМ и национален координатор за членство во НАТО, Пендаровски најави дека кампањата ќе ја води на две полиња, меѓуетничка кохезија и евроатланска интеграција.
“Правда за Mакедонија, татковината повикува” e мотото на Силјановска-Давкова, која што истакна дека овој почеток на кампањата ќе биде почеток на крајот на една власт.
Единствениот кандидат за претседател Албанец, Блерим Река пак најави дека ќе работи на враќање на републиканизмот, со што на место владеење на поединецот да преовладува правото. За да се постигне ова, според него потребно е да се деполитизира судството и администрацијата. Река ќе биде под реден број еден на гласачкото ливче, Силјановска – Давкова под број два, а Пендаровски под број три.
Заедно со претседателските, во земјава ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар, за кои во игра се вкупно девет кандидати.
Најгусто ќе биде во Охрид, каде што силите ќе ги одмерат 5 претенденти за градоначалничката функција, Михаил Трендафилов – Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“.
Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО ДПМНЕ ќе се борат за градоначалник на општина Ново Село.
Двајца кандидати ќе се натпреваруваат и за градоначалничката функција во Дебар. Хекуран Дука како кандидат на ДУИ ќе се натпреварува со Арбен Аголи, кандидат на АА и БЕСА.