Потрага по исчезнатото семејство во матниот надојден Лепенец, возач кој се удрил со нив е задржан во полиција
По страотна сообраќајна несреќа на патот Скопје- граничен премин Блаце, цело семејство од Косово со автомобилот заврши во реката Лепенец. Нуркачите и специјалните спасувачки тимови од Македонија и Косово се уште трагаат по двајцата родители и нивниот 16-годишен син. Нема трага ниту од нив ниту од автомобилот којшто беше истуркан од патот откако се судрил со возач на фолсваген туран кој ја претекнувал колоната. Се спаси само 21-но годишниот син, кој е хоспитализиран во градската болница 8-ми Септември во Скопје. За спасувачката потрага во Лепенец, за истрагата за несреќата, за кобниот пат кој се реновира и не е обележан, но и за дивите копачи на песок од Лепенец, ТЕЛМА сторија со видео.
И брз и матен, Лепенец не им даваше никаква шанса на спасувачките нуркачки тимови побрзо да ја завршат мисијата и да го откријат автомобилот БМВ во кој имало тројца членови на едно семејство од Косово. На работ, водата е до колена, но во речното корито е веднаш над еден метар. Нуркачкиот тим од Косово ја почна својата смена во обид да ги најде настраданите. Специјални тимови има и од Македонија и од Косово, полициски специјалци, армија, дирекција за заштита и спасување, волонтери сите се распоредени на околу три километри по течението на надојдениот Лепенец.
-Како што гледате, водата е надојдена и брза. Не е многу длабока, но е брза и спасувачите, видовте како искусни спасувачи, едвај се одржуваат во брзаците. Мора да се внимава и на други човечки животи. Нуркачкиот турнус е половина час во вода, по што мора на површина и на брегот да излезат и да одморат по час и половина, рече Беким Максути, директор на ДЗС (Дирекција за заштита и спасување).
Несреќата се случила вчера попладне, од обвинителството соопштија дека првичните информации се дека четворочленото семејство Пацоли од Косово со БМВ било дел од колона автомобили кои се движеле кон границата. Тогаш БМВ имало судар со фолксваген туран со Скопски таблички кој според обвинителството ја претекнувал целата колона.
-Во моментот кога (скопскиот туран) стигнал паралелно до автомобил БМВ со косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, соопшти обвинителството.
Се испитуваат причините за сударот, а веднаш по несреќата сите возачи застанале да пружаат помош иако косовскиот автомобил многу бргу биле прекриен со вода и однесен.
-На асфалтот имаше браник кога неколку минути по несреќата стигнав до местото. Имаше расфрлани остатоци од автомобил. На патот го видов туранот. Долу од реката се слушаа врисоци, но не се гледаше автомобил. Се обидуваа да помогнат луѓе. Многу бргу стигнаа службите од Скопје. Но колата во реката не се гледаше, раскажа Намат Ахмети, такси возач од Косово.
Постариот, 21-годишен син Шкелзим Пацоли успеал најверојатно преку прозорец да излезе од колата и да стигне до брегот. Префрлен е во градската болница „8-ми Септември“. Од болницата велат дека имал полесни повреди, но бил во шок, а останува на опсервација. Но родителите и помалиот 16-годишен син од семејството Пацоли исчезнале во Лепенец. 64-годишниот возач од Скопје е задржан во рамки на истрагата.
Спасувачите работат 24 часа, покрај патот кој се реновира и доградува. Дали можеби и условите на патот се можна причина за трагедијата на цело семејство.Несреќата се случила пред тунелот, а иако пред кобното место има нова банкина, токму на локацијата најблиска до Лепенец нема никаква заштита. Покрај тоа, пред тунелот кој се реновира има семафор за регулирање на сообраќајот што често предизвикува колони возила на фреквентниот пат кон Косово.
Но, според директорот на ДЗС Максути, нема оправдување за неприлагоден начин на возење.
-Секако дека условите на патиштата влијаат, но и прилагодувањето на она што е на пат и прилагодувањето на брзината влијаат и треба на сите учесници во сообраќајот да им е приоритет. Возењето не е работа кога треба да се грижиш само за себе, туку и за оној што е до тебе и пред тебе, а исто така и оној што доаќа отспротива, рече Максути од ДЗС.
Автомобилот БМВ сега го крие надојдената река, а под местото на несреќата има и диви ископи на песок од Лепенец кои оставаат длабоки дупки во коритото и ја отежнуваат спасувачката операција.
Дронови од воздух со термални и оптички инструменти ги бараат настраданите за да бидат извлечени од брзата река, а надеж се гледа во очекуваното намалување на нивото на Лепенец, наредните часови и денови.