ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Попис во април, Собранието со 62 гласа „за“ го изгласа Законот

Собранието со 62 гласа „за“ го усвои Законот за Попис на населението и домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој е предвидено да се спроведе во април оваа година.

Иако расправата за Законот заврши на 15 јануари, сè до денеска мнозинството не успеваше да обезбеди кворум за гласање, откако опозициските пратеници излегуваа од седницата и го оневозможуваа гласањето. Денеска на Коалицијата околу СДСМ и на ДУИ им се приклучи и Алијансата за Албанците и Алтернатива со што конечно Законот беше изгласан.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува во гласањето наведувајќи дека од власта не прифатиле ниту еден нивен амандман и изразија сомнеж дека Пописот реално ќе ја отслика состојбата во земјата. Тие од претходно најавија дека почнат да собираат 10 илјади граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.

Според Законот, Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа најголема статистичка операција во државата ќе се прибираат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Северна Македонија кои ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и за статистички цели.

Со Пописот ќе бидат опфатени сите државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство; странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој; и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија.

За разлика од претходните, овој Попис ќе има неколку новини. Главната новина е што овој пат пописот ќе се спроведува комбинирано – со попишување на терен – со интервјуа лице во лице, но и со користење на податоци од регистри и бази на податоци на институциите.

Она што е специфично за овој Попис е тоа што за донесување на секој акт во врска со овој процес ќе биде потребно одобрување и од директорот на Државниот завод за статистика, како и од заменик директорот.

Според Законот вкупно за организирање, подготовка и спроведување на Пописот ќе бидат потрошени скоро 523 милиони денари, односно околу 8,5 милиони евра.

Последниот Попис во Македонија е направен во 2002 година, а редовниот Попис, кој требаше да се одржи во 2011 година, пропадна набрзо откако почна со обвинувања меѓу партиите на власт за манипулирање со процесот.

Северна Македонија е меѓу ретките држави во светот каде повеќе од 10 години нема направено Попис.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.