Помпео вели владата на Хонг Конг е должна да им го врати мирот на граѓаните
„Соединетите Американски Држави се многу загрижени поради влошувањето на политичките немири и насилството во Хонг Конг“, рече тој пред новинарите.
„Насилство е неприфатливо, без оглед од каде потекнува, но одговорноста за враќање на мирот е пред се одговорност на владата на Хонг Конг“, додаде тој, оценувајќи дека делувањето само на безбедносните сили нема да биде доволно.
Државниот секретар побара од извршната владетелка на Хонг Конг, Кери Лам „независна истрага за инцидентите поврзани со протестите“.
Десетици демонстранти во Хонг Конг опкружени од полицијата во кампусот успеаа да избегаат во понеделникот вечер, по уште една закана од Пекинг дека ќе интервенира заради решавање на политичката криза во автономниот регион на југот на Кина.
„Како што неколку пати рекоа САД, Кинеската комунистичка партија мора да ги исполни своите ветувања до граѓаните на Хонг Конг кои само ги сакаат ветените слободи“, истакна Мајк Помпео.
Денес кинеското Министерство за надворешни работи одговори обвинувајќи го Помпео дека „се обидува да се меша во работите на Хонг Конг“ и дека има „двојни стандарди во однос на стореното кривично дело насилство“.
Пекинг го повикува Вашингтон да „престане да дава неодговорни изјави и да го трпи незаконското насилство и да не се меша во работите во Хонг Конг или во домашната кинеска политика“, рече портпаролот на Министерството, Генг Шуанг на прес-конференција.