Пендаровски го одбил барањето за помилување на Катица Јанева
Екс шефицата на СЈО Катица Јанева оставува во затвор. Шефот на државата Стево Пендаровски го одбил барањето за нејзино помилување.Неговата одлука ќе биде објавена во Службен весник наредните денови, со што ќе стане официјална, потврдуваат од кабинетот на Пендаровски.
-Претседателот го одби барањето за помилување на поранешната обвинителка Катица Јанева. Негативно мислење даде и Комисијата за помилување која одржа седница пред една недела. Оваа одлука заедно со останатите наскоро ќе биде објавена во Службен весник. -Кабинет на Претседател.
Нејзиниот син и адвокатот Лазар Јанев за Канал 5 вели дека за одлуката разбрале од медиумите и досега не добиле одговор. Молбата за помилување ја поднеле пред повеќе од шест месеци, па откако ќе добијат одговор ќе одлучат дали Јанева ќе поднесе нова молба за помилување. Како еден од основите во сегашната ја навеле здравствената состојба на поранешната обвинителка.
-Еве прв пат од вас ја слушам одлуката којашто е донесена. Во однос на одговор сметам дека тоа е одлука на претседателот и ние ја искористивме нашата законска можност со поднесување на молба за помилување и претпоставувам дека и во иднина ќе размислуваме во таа насока. Оставам простор мојот клиент Катица Јанева да одлучи како ќе постапиме понатаму. Молбата за помилување ние ја поднесовме во текот на месец септември минатата година и одлуката се уште ја немаме добиено а основите се поврзуваат со здравствената состојба на Катица Јанева, изјава – Лазар Јанев – Адвокат.
Јанева беше шефица на сега згаснатото СЈО. Со отворањето на истрагата за случајот Рекет во кој беше првин осомничена а потоа и обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека влијаела за да се укине притворот и се определат поблаги мерки за бизнисменот Орце Камчев, тогаш осомничен во предметот „Империја”, во август 2019 и беше определен притвор. Пресудата со која доби 7 години затвор Кривичниот суд ја изрече во јуни 2020, и со оглед на тоа дека во затворската казна се пресметува и времето поминато во притвор, Јанева досега помина речиси четири години во затвор или повеќе од половина.