ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Пендаровски ги врачи признанијата „Македонски квалитет“ за 2023 година

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели признанието „Македонски квалитет“ за 2023 година на десет претпријатија – економски амбасадори кои придонесуваат кон развојот на домашната економија и нејзината меѓународна афирмација.Во согласност со прецизно воспоставените критериуми, годинашни носители на признанието „Македонски квалитет“ се компаниите Виталиа, Винарска визба Милев, Агриа, Рикомак, Сигма-СБ, Еуро Консалт Плус, Бучен Козјак, Кав Комерц, Визиа и Билкилајф.

Традиционалната манифестација се одржува во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, а под покровителство на претседателот Пендаровски.Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

И годинава продолжуваме со доделувањето на признанијата за македонски квалитет, настан кој со текот на времето прерасна во респектибилна манифестација. Со доделувањето на ова признание, пред сè, ги промовираме успешните македонски стопански субјекти кои се носители на македонската економија и кои, во исто време, придонесуваат и за унапредување на бизнис-климата во целата држава.

Без силна економија, нема напредок на државата, нема вложување во инфраструктурата, во спортот, во образованието, во науката и културата. Затоа треба во континуитет да го поддржуваме развојот на македонската економија и да ги подобруваме условите за стопанисување на компаниите. Само со економски политики во оваа насока можеме да очекуваме и севкупен прогрес на државата.

За жал, амбиентот во изминатите неколку години не беше благонаклонет на економскиот развој. Затоа повеќе зборувавме за економско закрепнување и стабилизирање. Имавме навистина тешки години со пандемијата со Ковид-19, потоа следеа финансиски и енергетски кризи. А, како последица на рускиот напад на Украина се создадоа дополнителни турбуленции и несигурности на кои никој не остана имун.

Сведоци сме дека многу земји се борат со високата инфлација која ги осиромашува граѓаните и им штети на бизнисите. Во целава констелација не е ни малку лесно да се продолжи со успешна работа и да се остварува профит, а, притоа да се задржува и унапредува квалитетот на производите и услугите и постојано да се наградува производниот процес.

Поради сите овие отежнувачки фактори, на носителите на Признанието за македонски квалитет треба да им се честита, сите тие ја заслужуваат нашата почит за нивните достигнувања. Особено би сакал да се заблагодарам на оние кои во исто време покажуваат општествена одговорност и водат сметка за потребите на заедницата.

Во оваа прилика се надевам нема да ми замерите што во интерес на времето нема да споменам поединечно ниту еден од десетте носители на Признанието за македонски квалитет. Позитивно е што тие доаѓаат од различни стопански гранки и секој во својот домен на операции-производство, трговија, услуги, остварува резултати за почит.

Сакам да потенцирам дека сите тие, како и добитниците на Признанието за македонски квалитет, во изминатите години, се пример на кој треба да се угледаат и останатите стопански субјекти. Само преку здрава конкуренција можеме да изградиме македонски квалитет којшто ќе биде препознаен и баран во светот. И на тој начин ќе изградиме силна и здрава македонска економија отпорна на кризи и потреси.

Со оглед дека ова традиционално признание се доделува на истекот од тековната година, а 2023 мора да признаеме беше навистина тешка, пред сè, од економски аспект, да си посакаме многу поуспешна 2024.

Секако, на сите вас ви посакувам и добро здравје, радост и среќа, и се разбира посветеност и мотивираност како предуслови за нови успеси.

Уште еднаш, на крајот, најискрени честитки до сите добитници на признанието, со желби и понатаму да го етаблирате македонскиот квалитет и да придонесувате за нашата економија и за државата, воопшто.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.