ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Паѓаат бариерите за вработување во земјите од „Отворен Балкан“, ратификуван и договорот со Фронтекс

Паѓаат бариерите за вработување во регионот. Со 62 гласа ЗА, без против и воздржани, Собранието ги рафитикуваше законите од Отворен Балкан. Ова ќе значи укинување на работните дозволи и слободен пазар на трудот за Македонија, Србија и Албанија. 

На оние што ќе сакаат да работат во приватна фирма во некоја од овие земји ќе им се издава посебен идентификациски број. Него граѓаните ќе можат да го добијат преку веб порталот за електронски услуги и со тоа практично ќе нема потреба да вадат работна дозвола за која досега се чекаше до 3 месеци, куп други документи и административни трошоци, вели за Сител националниот коориднатор за Отворен Балкан.

„Со пополнување на извесни лични податоци и верификација на идентитетот преку тој софтвер, веб сајтот е-услуги ќе можете да го извадите вашиот идентификациски број. Потоа со тој број ќе се пријавите во системо за електронски услуги на Србија и по извесни постапки на фирмата којашто ве вработува, таа фирма ќе ве пријави пензиско и здравствено и по тој основ ќе ви исплаќа плата врз основа на сработеното“ – Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан.

Новите алатки би требало да бидат достапни на сајтот до крајот на март. Забрчанец вели дека веќе имало интерес од странци да работат кај нас.

„Имам информации дека поголеми компании коишто се лоцирани во прекугранични области, околу Куманово или Струга, веќе имаат конкретни информации за вработување на граѓани од Србија и Албанија во домашни компании. Се разбира ќе има случаи и во обратен правец.“ – Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан.

Оваа мерка требаше да профункционира уште минатата есен, но имплементацијата заглави во Собранието каде со месеци беше одложувана комисиската расправа.

На денешната седница беше ратификуван и договорот со Фронтекс потпишан меѓу Македонија и ЕУ уште во октомври лани. Со ова се овозможува на барање на земјава да се распоредат полициски службеници на Фронтекс на критични точки на границата, заедно со нашите полицајци, а ќе има можност да се користи и целата опрема на Фронтекс.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.