ПАНДЕМИЈАТА СЕ ВРАЌА ВО КИНА: Во Пекинг се тестираат илјадници луѓе
Во Пекинг е прогласена вонредна состојба поради наглиот пораст на бројот од случаите на заразување со коронавирусот , пренесува агенцијата Анадолија. Властите во Пекинг, град со повеќе од 21 милион жители, воведоа мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои, меѓу другото, ги ограничуваат јавните активности и патувањата и ја засилуваат контролата.
На улиците настана метеж откако Комунистичката партија на Кина соопшти дека во сите окрузи во престолнината е прогласена вонредна состојба откако во Пекинг во саботата се регистрирани шест нови случаи на заразување со коронавирусот.
По одлуката за прогласување вонредна состојба, затворени се влезовите и излезите на сите квартови во кои е регистриран вирусот. Исто така, зголемен е бројот на инспекции и контроли на сите локации со голем број посетители.
Вонредната состојба во Пекинг е прогласена откако е забележан ненадеен пораст на бројот на заразени со коронавирусот во округот Шунји, што се наоѓа на североистокот на градот, во близина на Меѓународниот аеродром „Пекинг“.
Планирано е во 92 лаборатории во округот Шунји да бидат тестирани околу 800.000 луѓе.