Орбан: Не се бориме само за нас, туку и за христијанска Европа
Во 20-тиот век Унгарија беше губитник, но во овој век земјата ќе биде победник, тврди унгарскиот премиер Виктор Орбан, во интервју за електронското издание „Унгарија денес“.
Ќе има избори во 2019 година, но ние гледаме во 2030 година. Благодарение на осумгодишните заеднички напори, ние сме на прагот на нова ера и убеден сум дека не само што ќе тргнеме нагоре, туку и дека ќе ги постигнеме нашите цели , рече Орбан.
Коментирајќи ги последните протести на опозицијата, унгарскиот премиер истакна дека политиката е област во која битките можат да се водат дури во пресрет на Божиќ, а протестите се дел од секојдневниот живот во демократијата. Но, ова не се однесува на насилство, уништување и вандализам, додаде Орбан.
Лесно е да се процени ситуацијата: Владата одлучи да работи, застана на страна на семејството и безбедносната политика, а опозицијата се противи, објасни Орбан. Оние кои се противат на неодамна усвоениот амандман во Законот за труд всушност се против работниците, бидејќи реформата им служи на интересите на работниците и ќе доведе до повисоки плати, рече унгарскиот премиер.
Спротивно на лагите на опозицијата – работодавачите ќе треба да исплаќаат повисоки плати месечно, како што беше и во минатото, додаде тој.
Коментирајќи ја ситуацијата во Европа, Орбан истакна дека големите западноевропски земји „експериментираат” со развојот на цивилизациите и сметаат дека христијанска Европа треба да се претвори во христијанско-муслиманска Европа. Централна Европа сепак одлучи да не се впушти во овој експеримент, бидејќи ризиците кои тој ги носи, се далекусежни и опасни, додаде унгарскиот премиер. Не сакаме нашите земји да се населени со мешано население и затоа ги штитиме своите граници и се противиме на миграцијата. Секој може да види дека Западот не го почитува нашето решение. Тие ја користат унгарската опозиција како алатка, коментира Орбан.
Џорџ Сорос и неговите мрежи не го толерираат напуштањето на Централна Европа од овој голем експеримент за трансформација на општеството. Изборите во Европскиот парламент ќе бидат навистина интересни во оваа борба, бидејќи ќе се спротивстават политичките сили кои ја штитат христијанската Европа и оние кои ја поддржуваат миграцијата. Ќе се одвива историска ситуација, во која Унгарија се бори не само за себе, туку и за христијанската Европа, нагласи Орбан.
Миграцијата носи исклучителни ризици, а соживотот на цивилизациите е создава потешкотии со кои Европа не може да се справи, додаде тој. Демографијата е витално прашање и унгарската Влада вложува напори за зајакнување на семејствата, бидејќи веруваме дека семејствата се клучот за продолжувањето на унгарската историја и иднината на нацијата, објасни унгарскиот премиер.
Ние, Унгарците, можеме да се потпреме само на себе. Затоа започнавме национални консултации за семејствата. Сметам дека ова е најсериозното прашање на агендата на унгарската политика, заклучи Орбан.