Опозицијата го поздрави ставот на ЕУ за европското знаменце

Не престануваат партиските препукувања за Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10.
Откако Канцеларијата на ЕУ изрази загриженост и побара дополнително појаснување од власта за употребата на европското знаменце за законите поврзани со договорот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за злоупотреба.
Според потпретседателот на партијата, Мисајловски, со употребата на европското знаменце, власта сака да нема дебата за договорот и за два дена да се донесат сите закони.
Власта, пак, тврди дека опозицијата сакам само да ја блокира изградбата на, според нив, најважниот инфраструктурен проект во историјата на Македонија.
Пратеничката Николова вели дека народните израници во Законодавниот дом ќе ги искористат сите механизми и преку соодветна законска регулатива ќе ги донесат измените за петте закони кои, како што вели, гарантираат поевтина и побрза изградба.
Речиси на иста линија е коалицискиот партнер, ДУИ. Оттаму велат дека опозициските ВМРО-ДПМНЕ, без никаква причина со над 500 амандмани ги блокираат законите за Договорот со „Бехтел и Енка“
-Демократската Унија за Интеграција смета дека вчерашната одлука на Владата на Република Северна Македонија за усвојување на законите за работни односи, за градба, за урбанистичко планирање, експропријација и специјалниот закон, е одговорна одлука во интерес на граѓаните за ефективни инститицуии и процедури. Неразумната и неразбирливата блокада на ВМРО и Левица ја чини безпотребно државата и граѓаните над 150 милиони евра поскапа изградба и над две години по долга изградба, велат од ДУИ.
Доколку од Влада сепак инсистираат на скратена постапка со европско знаменце, тоа значи брза и ограничена дебата од два дена во собраниската Комисија за европски прашања и уште неколку дена на пленарна сесија. Сите законски измени нема да се однесуваат само за овој прокет, туку за изградба на сите наредни стратешки објекти.
Владините претставници вчера признаа дека Договорот со Бехтел и Енка е склучен без крајна цена колку ќе чини изградбата на патиштата. Вредноста на проектот владините претставници досега ја ваделе од студија со проценка дека делниците би требало да чинат од 1,3 до 1,5 милјарди евра зависно од тоа дали ќе има законски измени.