Олбрајт: Трагедија е тоа што Бугарија, поради домашни причини ја блокира Македонија
По Рикер и Палмер, и поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, порача дека билатерналните проблеми со Бугарија треба да се решаваат надвор од евроинтегративните процеси.
Олбрајт во обраќање до комитетот за надворешна политика во претставничкиот дом, посветено за политиката на САД на Балканот, ја оцени како трагична одлуката на официјална Софија да го блокира евроинтегративниот пат на земјава.
-Мислам дека е целосна трагедија што Бугарија поради свои домашни причини го направи ова и треба да се покрене прашањето како тие ги исполнуваат своите обврски за членство. Мислам дека е многу важно прашање кое поткопува се што се обидуваме да направиме на Балканот, во смисла на соработка за економски и политички прашања, вели Медлин Олбрајт – Поранешен државен секретар на САД.
Дека одлуката не била исправна, а Бугарија од ветото може да излезе како губитник смета и бугарскиот Европратеник и известувач за Македонија Илхан Ќучук. Во гостување на бугарската БТВ, Ќучук кој е и потписник на заедничката декларација на дваесетина европратеници кои бараат почеток на преговори на Македонија до крајот на годината, вели дека на овој начин не само што се влошуваат односите меѓу соседите, но се поткопува и довербата во Европската Унија кај земјите од Западен Балкан.
-Бугарија беше една од државите кои ја поставија високо на дневниот ред, интеграцијата на земјите од регионот. Според тоа, при една политичка блокада, нема да има добитници, туку сите ќе загубиме. ЕУ ќе загуби бидејќи ќе биде поткопана довербата во неа, ќе се прикаже дека не е способна да решава големи геополитички прашања, а се стреми да биде глобален игра. Ќе изгубат Македонија и Албанија, затоа што вложија големи напори на патот на членството и на последно место, ќе загубат соседите, истакна Илхан Ќучук – Европратеник .
Бугарскиот Европратеник во текот на утрешниот ден ќе го во европарламентот ќе го презентира и извештајот за напредокот на Македонија. Според најавите, на негова покана ќе биде присутен и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи , на кого европратениците ќе имаат можност директно да му постават прашања, два дена по бугарското вето за почеток на преговори со Македонија