ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Од утре целата зграда на Клиниката за интерни болести е на располагање за ковид-пациенти

Министерот за здравство рече дека целосно е исполнет капацитетот на Инфективната клиника и на модуларната болница, а уште места има во Центарот за белодробни болести, „8 Септември“ и во болницата во Козле

Следен чекор од планот е ако има потреба да се користат капацитетите на Клиниката за ОРЛ и за очни болести

Од утре целата зграда на Клиниката за интерни болести ќе биде ставена на располагање за ковид-пациенти, со што се активира планот за дополнителни капацитети, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека целосно е исполнет капацитетот на Инфективната клиника и на модуларната болница, а уште места има во Центарот за белодробни болести, ГОБ „8 Септември“ и во болницата во Козле.

„Веќе се ставени во функција капацитетите на неврологија, а од утре и просториите на клиниките за гастро, ревматологија и нефрологија. Се работи за околу 150 кревети“,

рече Филипче.

Уште 100 кревети има и во „8 Септември“.

Следни капацитети што ќе бидат ставени во функција се клиниките за ОРЛ и за очни болести, со околу 100 кревети.

Филипче беше дециден дека со ова нема да се наруши нормалното функционирање на овие клиники со останатите болни, односно системот „Мој термин“ ќе продолжи да функционира.

На новинарско прашање што ќе се случува со пациентите со невролошки заболувања ако на оваа клиника се сместуваат пациенти со ковид, Филипче рече дека имал координација со директорите на повеќе клиники, при што е договорено за нив да има кревети на Неврохирургија како сродна клиника и во „8 Септември“.

Тој истакна дека во овој момент нема се размислува за ангажман на приватните болници.

Филипче рече дека притисокот, освен врз сместувачките капацитети, се чувствува и врз Брзата помош и пунктовите за тестирање. Најави дека наскоро ја очекуваат најавената помош од Кина од 60 возила за брза помош, која досега не пристигнала поради избивањето на пандемијата.

Од понеделник се очекува отворање дополнителни пунктови за тестирање со брзи тестови, со капацитет од 500 тестирања дневно.

„Притисокот е зголемен и кон пунктовите за тестирање. Минатата недела е зголемен бројот на тестирања што се прават и во ИЈЗ, ЦЈЗ во Скопје, болницата во Козле за дополнителни 400 до 500 теста на ден. Вчера беа направени 3 000. Ги вклучуваме и брзите тестови во пунктовите на ЦЈЗ, болничките пунктови и во другите болници низ државата. Од понеделник ќе има и дополнителни шест пункта во Скопје со 500 термини дневно“,

рече Филипче.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.