ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Нѐ очекува ли сериозно поскапување на цената на струјата од идниот месец?

Се заканува ли драстичен раст на цената на струјата за домаќинствата од јули?! 

Од РКЕ велат уште пред да почнат да ја пресметуваат новата цена, на глава им висат минимум 10% зголемување поради малверзации на дел од општините. Претседателот Бислимовски објаснува дека за да ги скусат трошоците за електрична енергија, формирале јавни претпријатија преку кои обезбедувале струја за јавно осветлување по цена за домаќинства и за само четири месеци, оптоварувајќи го системот, на ЕВН им направиле долг од 30 милиони евра. Регулаторна сега бара начин како овој трошок да не падне на товар на граѓаните.

„Измислуваат разно разни финти за да се вратат на регулиран пазар и заради тоа само за први 4 месеци имаме трошок од 30 милиони евра и тоа значи 10% зголемување на цена на струја. Тој трошок РКЕ сега ќе го префрли назад на општините и ниту на крај на памет не ми е, тој товар да го преземе РКЕ.“ изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Во овие 10% раст кои ги најавува РКЕ, не се пресметани трошоците на енергетските компании и цената на ЕСМ од која всушност најмногу зависи крајната цена на сметките за струја. Дел од компаниите веќе доставиле барања, се чека уште од МЕПСО. Во меѓувреме Регулаторна го крои новиот тарифник со кој цената на струјата во скапа тарифа ќе зависи од потрошувачката. Бислимовски открива дека се разгледува опцијата над 250 киловати потрошена струја на граѓаните да им се тарифира по повисока цена.

„Некаде очекувањата се да се движиме од 150 до 250 киловат часови првиот блок само за скапа тарифа, па потоа од 250 до кај 300, 400, па 400 до 500, во тие се последни анализи, бидејќи правиме анализи на постоечката одлука и ги распределуваме блоковите во насока да има што е можно поголемо олеснување кај домаќинствата.“ истакна Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Спас од скапата струја, се повеќе граѓани и фирми гледаат во инсталирање на фотоволтаици на крововите, но големи пречки имаат во бирократските процедури. Премиерот Ковачевски најавува дека измените во законите се на самиот крај и за многу скоро на граѓаните, но и фирмите ќе им се олесни постапката.

„Со тие решенија како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати, колку што е предлогот, како и дуплирање на капацитетот за компаниите коишто сакаат да стават на своите покриви, ќе се олесни постапката, односно ќе имаме постапка која што ќе биде идентична со постапката и процедурите во западноевропските држави.“ најави Димитар Ковачевски, претседател на Влада.

Премиерот од Вруток најави и инвестиција од 29 милиони евра за ревитализација на сите хидроелектрани со што домашното производство ќе се зголеми за 40 гигават часа. А, според Бислимовски единствен спас за ублажување на ценовниот шок за граѓаните е ЕСМ да обезбедува 100% од потребите на ЕВН Хоум.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.