ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ноќта пред Велигден и пред Бајрам без полициски час, најави Филипче

Полициски час од 21 до 05 часот, наместо досегашниот од 20 часот, отворање на летните тераси во сите угостителски објекти и работа до 20 или 20.30 часот и дополнително ноќта пред Велигден и пред Рамазан Бајрам без полициски час се новите рестриктивни мерки кои и официјално ги најави министерот за здравство Венко Филипче.

Овие мерки би почнале да се применуваат од среда, ако поминат утре на владина седница и ќе важат до завршување на празниците по што ќе се разговара за нови мерки, во зависност од ситуацијата. Мерките, како што рече Филипче, се препорачани врз основа на актуелната епидемиолошка состојба којашто се следи секојдневно.

Говорејќи за епидемиолошката состојба, Филипче изјави дека бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19 се намалуваат и денеска има помалку од 100 случаи, а тоа се чувствува и во болниците каде што има тренд на зголемување на бројот на испишани пациенти. Исто така, се намалува и притисокот во болниците во другите градови низ државата и бројот на префрлање на пациенти во Скопје.

Во меѓувреме, тече вакцинацијата и добро се одвива, а веќе почна ревакцинацијата на вакцинираните со руската вакцина Спутник.

„Денеска стигнува и втората пратка од 10.000 вакцини на Фајзер, а добивме и распоред за пристигнувањето секој понеделник на дел од вкупната количина од 26.000 дози“, рече Филипче.

Што се однесува до пунктовите за вакцинација, подготвени се салите во Охрид и во Штип, денеска ќе се заврши подготовката на салата во Битола, а до крајот на неделата и во Куманово, Тетово и во Кавадарци и во нив ќе се распределуваат вакцини од кинеските.

Кинеските вакцини, според Филипче, околу 28 април треба да се подигнат од Пекинг, а на 30 април преку Истанбул да пристигнат во Белград, па со камиони да се донесат во Скопје, во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“.

Ве молиме следете не и стиснете лајк
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.