Нов извештај за мониторингот на јавните набавки
Честите поништувања на тендерите ја отвораат дилемата дали така се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите од институциите, велат од Центарот.
Најниската цена при јавните набавки и натаму е проблем број еден за фирмите, покрај обемната документација и задоцнетите плаќања за фирмите, покажува шестмесечниот извештајот од мониторингот на јавните набавки од Центарот за граѓански комуникации.
Честите поништувања на тендерите ја отвораат дилемата дали така се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите од институциите, велат од Центарот.
Извештајот покажува дека најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97% од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94% од тендерите, што е во спротивност со европските трендови и го намалува квалитетот на производите.
-Поентата на јавните набавки кога се користат државни пари, наши пари, е да се купи најдоброто. Ниту најевтиното, ниту најскапото. Имаме набавки каде што квалитетот е многу битен – храна во градинки, храна во болници и други материјали којшто се за животот и здравјето, а повторно се оди со најниска цена, а се занемарува квалитетот, вели Герман Филков од ЦКГ.
Особено загрижувачки според анализата е што дури половина од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки.
-Едно посериозно прашање во анкетата од фирмите е дека 48 проценти од фирмите сметаат дека во јавните набавки секогаш или често има корупција, односно дека мораат нешто да дадат, некаква услуга, парична, или врска да фатат за да се добие тендерот, објаснува Филков.
Нетранспарентоста во јавните набавки и натаму останува проблем, особено во договорите во „четири очи“ меѓу јавните институции и некои фирми, вели Филков.Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на лани намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 %.