Ново барање од Украина – покрај тенковите, сега бара и ловци Ф-16

Нови барања на списокот желби од Украина до западните сили. Откако ги доби долго бараните тенкови „Леопард 2“ следни се борбените ловци Ф-16, јавува весникот „Фајненшал Тајмс“. Американската комапнија „Локхид Мартин“ веќе се подготвува да го зголеми производството на Ф-16.
Според весникот, кружат две сценарија – едно од нив е силните сојузници на Украина да ги надминат своите двоумења и директно да го снабдат Киев, а второто е некои земји како Полска и Балтичките земји да ги предадат своите МИГ 29-ки, во замена за Ф-16 кои сами ќе ги купат. Некои од земјите веќе почнале расправа за овие идеи, но се додека не се добие дозвола од Вашингтон, ништо од ова нема да се случи. Бајден досега беше воздржан по ова прашање во страв дека е можна неконтролирана ескалација на војната ако Украинците со американските авиони гаѓаат цели внатре во Русија.
Како Украина добива современо оружје, така Русија засилено ја напаѓа од воздух. Само во текот на ноќта биле лансирани 70 гранати.
„За жал, како резултат на непријателските напади, беа убиени цивили и уништени објекти. Опасноста од воздушни и ракетни напади врз Украина и натаму е висока“, вели Олександар Штупун, портпарол на воените сили на Украина.
За Русија, Киев е пионот во рацете на Вашингтон, па единствен кој може да ја спречи ескалацијата според Кремљ е претседателот Бајден, кој треба да нареди Украина повеќе да не добива современо оружје.
„Во тек е ескалација на тензиите, меѓу другото, најпрво поради одлуките во Вашингтон и европските престолнини кои се под притисок на Вашингтон. Мислам на снабдување со оружје, тенкови, итн, како и новите дискусии за авионски делови и слично. Во овој поглед, да, степенот на тензијата расте“, истакна Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
И покрај воздржаноста на Америка за давање на Ф-16, во Европа оваа идеја веќе се разработува. Холандија неодамна изјави дека ќе ја разгледа испораката за борбени авиони, ако Киев побара. Неофицијално, за оваа тема ќе се разговара на новиот состанок на сојузниците на Украина, кој повторно ќе се одржи во Рамштајн, во средината на февруари.