Нова сообраќајница ќе ги поврзе Центар и Чаир
До 20 декември, сите фирми што се заинтересирани за изработка на основниот проект и на измените и дополнувањата на проектот за новата сообраќајница што би ги поврзала општините Центар и Чаир со тунел под Кале, можат да ги достават своите понуди до Град Скопје. Со тендерот што го објави Градот, започнува реализацијата на проектот „Тунелите под Кале“.
Новата сообраќајница треба да ги поврзе општините Центар и Чаир преку продолжување на булеварот „Св. Климент Охридски“, со мост и вијадукт над реката Вардар и тунел под Скопското Кале, кон булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица). Избраниот проектант ќе треба да ги спроведе геомеханичките истражувања, но и да го изготви идејниот проект за идниот мост и вијадукт над реката Вардар што ќе биде лоциран кај седиштето на македонската влада. Проектната документација ќе се оформи врз основа на проектот за инфраструктура што е веќе изработен од „Чакар партнерс“.
Изградбата би се изведувала во три фази. Првата фаза би ја опфатила изградбата на булеварот „Св. Климент Охридски“ со нов мост над реката Вардар до идниот тунел. Изведбата на самиот тунел би претставувала посебна етапа, додека во последната фаза би се градел потегот од тунелот до раскрсницата со Пластичарската улица.
Вредноста на проектантските услуги е проценета на околу 30 милиони денари, со вклучен ДДВ.