Ништо од ветувањето дека ЕСМ ќе произведува 100% од струјата
Ништо од ветувањето дека ЕСМ ќе произведува 100% од струјата потребна за регулираниот пазар.
И во период кога надворешните температури се уште не се под нулата, ЕСМ купува струја. ТЕЦ Неготино веќе извесно време не работи, па се појави дупка меѓу произведената и потребната електрична енергија за чие потполнување беа потршени 9 милиони евра за 2 недели.
Надлежните ова го правдаат дека е поефтино да се купува, отколку да се произведува.
„ТЕЦ ‘Неготино’ ќе работи во моментот кога тоа ќе биде исплатливо за граѓаните. Зошто го кажувам тоа? Ако ја земеме предвид цената на мазутот моментално, цената на производство на електрична енергија по мегават-час од страна на ТЕЦ ‘Неготино’ излегува некаде 240-245 евра. Ако увеземе електрична енергија, веќе претходната недела увезувавме со 205 евра за мегават-час. Зборувам за просечна цена, не за дневна. Моментално поевтино е да увеземе отколку да работи ‘Неготино’. Во моментот кога ќе биде спротивно, веднаш ‘Неготино’ ќе се вклучи во работа.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Сепак, според јавно достапните информации на веб страната на ЕСМ, може да се види дека од 7ми до 13ти ноември купени се 17 гигавати струја по цена од 205 до 222 евра за мегават час. Додека од 14ти до 20ти ноември се купуваат 22 гигавати струја, за што цените достигнуваат и до 288 евра за мегават час.
Цените пак, на Хупекс берзата во моментов се 260 евра, а во пиковите достигнуваат и 300 евра за мегават час.
Освен на ТЕЦ Неготинo, ЕСМ наскоро кончено ќе може да смета и на третиот блок во РЕК Битола. Tрансформаторот, тежок 240 тони, кој се репарираше во Турција, денеска тргнал и преку Грција се очекува да пристигне во земјава за една недела. Неговата монтажа ќе трае десетина дена, па се очекува да биде вклучен во електроенергетскиот систем на почетокот од декември.
И покрај се, надлежните уверуваат дека рестрикции зимава нема да има, а ниту ќе се зголеми цената на електричната енергија од јануари. Министерот Бектеши вели дека можно е и намалување на цената за малите потрошувачи. Сепак, по Нова Година, ДДВ-то на сметките за струја од 5 се зголемува на 10%.