Никој не знае колку лица ќе се вработат по Законот за употреба на јазиците

Никој не знае колку лица ќе се вработат во Агенцијата и Инспекторатот што ќе мора да се формираат согласно Законот за употреба на јазиците. Не се знае ниту во надлежност на кој Секретаријат ќе биде владината Агенција. Се знае само дека во агенцијата ќе треба да се вработат овластени судски преведувачи, лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.
Агенцијата ќе биде одговорна за превод и лекторирање на документи, како и на сите акти што се објавуваат во Службен весник и ќе презема мерки за унапредување на употребата на албанскиот јазик. Нејзиниот директор ќе го избира владата и ќе има мандат од 4 години, со право на реизбор. Парите потребни за работа на Агенцијата ќе се обезбедуваат од државниот буџет.
Инспекторатот, пак, ќе биде под надлежност на Министерството за правда, но и оттаму добивме само општи информации околу неговото формирање.
Инспекторатот ќе врши надзор над спроведувањето на законот, а предвидени се и казни од 4 до 5.000 евра, за органите и институциите што нема да го почитуваат. Казните за службениците и одговорните лица ќе бидат до 30 проценти од пропишаната казна за институцијата.