Нивото за опасност од тероризам во Велика Британија намален на „значителен“
Нивото за опасност од тероризам во Велика Британија е намален од „сериозен” на „значителен”, велат од Министерството за внатрешни работи.
Секретарката за внатрешни работи Прити Пател изјави дека Велика Британија сè уште е на „високо ниво на закана“ и дека напад би „можел да се случи без дополнително предупредување“, пренесе Би-би-си.
Заканата за тероризам сега е на најниско ниво од август 2014 година. „Значително“ е трето ниво од петте со кои нивото на закана се проценува.
Нивото на закана од тероризам за Северна Ирска останува „сериозно“.
Пател во денешната изјава рече дека тероризмот останува „директен и непосреден“ ризик за националната безбедност на Велика Британија.
Проценките со кои се одредува нивото на закана во земјата ги дава Заедничкиот центар за анализа на тероризам – дел од МИ5 – кој ги дава своите препораки независно од владата.
„Владата, полицијата и разузнавачките агенции ќе продолжат неуморно да работат за решавање на заканата од тероризмот во сите негови форми“, рече Пател.
Нивото на закана се одржува под „постојан надзор“, додаде таа.