Не се откри кој ги испразни рафтовите со брашно и кој ги создаде турканиците на бензиските, инспекциските контроли продолжуваат засилено
Цел викенд инспекторите беа на терен, но не открија зошто во текот на неделата што измина се испразнија полиците во маркетите, а на бензинските пумпи се направија неовообичаено големи колони возила.
Нивните контроли не ги потврдија претпоставките дека трговците направиле паника кај граѓаните со тоа што самите ги повлекле производите за повторно да ги стават на продажба со повисоки цени, ниту, пак, дека продавачите на бензинските пумпи ограничувајќи ги количините што можат да се наточат, ги испровоцирале граѓаните да ги полнат резервоарите.
Состојбата е веќе нормализирана, но за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и со горива, се најавува дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на дистрибутивните центри што вршат снабдување со прехранбени продукти и правните субјекти што вршат трговија на мало и на големо со нафтени деривати. Екипи на Управата за финансиска полиција, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи вршат сеопфатни контроли на територијата на целата држава.
Надлежните во повеќе наврати апелираа до граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да не се крева непотребна паника уверувајќи дека има доволно храна, гориво и енергенси. Со смирувачки тон до граѓаните се обрати и премиерот Димитар Ковачевски.
-Во Република Северна Македонија нема никаква криза со бензин, бидејќи ние претежно се снабдуваме со нафтени деривати од Грција. Сакам да апелирам до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации, бидејќи во државата има доволни количини енергенси. Сакам да апелирам и до трговците да не шпекулираат со ограничување на количината за продажба на нафтени деривати на бензинските пумпи – рече тој.
Надлежните ги уверуваат граѓаните и дека има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Од Владата информираа дека во стоковните резерви и во домашните мелници има залиха од 45.000 тони пченица, кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта, а производството на пченица е зголемено. Има и доволно месо, велат надлежните. Цената засега не му е променета, а за нејзино задржување, треба да помогнат две интервентни мерки за свињарството, договорени деновиве. И мелничарите најавија дека не би требало да има проблеми во снабдувањето со пченица и со брашно, во очекување владините мерки околу цените да создадат поволна клима и сигурност.