ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Не бевме подготвени за свет без ѕидови

Три децении после падот на берлинскиот ѕид, светот не е онаков каков се надеваа дека ќе биде оние кои го рушеа. Сега се бараат нови ѕидови; некои на границата со Мексико, некои во своите глави.

Не времето тоа изгледаше како апсолутно добра работа. Падот на берлинскиот ѕид кој се случи на 9 ноември 1989 година значеше повеќе отколку само крај на Студената војна. Тој симболично навестуваше рушење на сите ѕидови меѓу луѓето, крај на историјата (во хегеловска смисла историјата е битка на идеи а тогаш едната, комунистичката, според Фукујама, неповратно изгубила), ширум отворање на вратите за слободен проток на луѓе, стока и идеи, заеднички политички вредности низ целиот свет и раѓање на една вистинска меѓународна заедница.

Три децении подоцна, наоколу повеќе имаме една огромна дивина отколку вистинска меѓународна заедница. Дивина полна со злобни креатури кои анонимно демнат над нашите животи од мрачните дигитални простори. Таканаречената меѓународна задница живее само во форма на глобални институции и парадна посветеност на пар теми како што е борбата против тероризмот и климатските промени.

Наместо да се однесува како вистинска заедница во која нејзините членови имаат одговорност а своите постапки и почит за другите членови, таа е претворена во анти-заедница, во бунар без дно за криење на секакви злотвори – од оние што штанцаат лаги и со нив ги заразуваат другите преку интернет, самиот манипулиран од дигитални монополи кои мува не ги лази за општото добро а не па за вистината, па сè до кредитните и позајмувачки измамници за кои таа заедница секогаш била убава нива за орање.

„Затоа, не треба никого да чуди што како одговор на сето тоа, денес гледаме барања за нови ѕидови, што вистински, што метафорични. А најгласниот архитект на тие посакувани бариери се вика Доналд Трамп“, пишува Мајкл Хирш во Форин Полиси.

Неговата најголема сила меѓу неговите гласачи е што самиот им се портретира како „човечки ѕид“ кој ги штити од култрните и демографски промени кои ти ги доживуваат како закана.  Истовремено, Трамп е крал во дигиталната дивина. А исто како паѓањето на Берлинскиот ѕид, своевремено и раѓањето на интернетот се чинеше како недвосмислено добра работа која ги отвора вратите за една возбудлива дигитална глобална заедница. Едно време така и беше. Но, 4 милијарди интернет корисници подоцна, сфаќаме дека попат сме го изгубиле персоналното доживување на луѓето кои ги среќаваме на интернет. Како што на луѓето престануваше да им е гајле дали некого ќе навредат или повредат на интернет – што во реалниот живот е малку потешко ако човек е пристоен или барем доволно паметен да знае дека стапот има два краја – така стануваа сè послободни и побезмилосни во навредување и понижување на другите.

„Од сите големи политички фигури на денешнината, Трамп испадна највешт во навигирање низ таа дигитална Недојдија“, смета Хирш во анализата чија струкура во последно време е сè попредвидлива во западните меинстрим медиуми: ќе имаат одлични поенти, луцидни перцепции, писмена елегантност и сè друго што треба, ама на крај секогаш им испаѓа дека Трамп е крив за сè.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.