ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Непознат лик кој ги асоцира на Катица Јанева- влијателни правници на ФБ го коментираат изборот на Ислам Абази од Зајас за обвинител за гонење организиран криминал

После првиот коментар за изборот на Абази кој на ФБ го постираше заменик министерот од ДУИ Агим Нухиу, многу коментари на социјалните мрежи за избори на обвинителот со скромна обвинителска кариера, но со експресен напредок.

Професорката Мирјана Најчевска смета дека зад изборот стои ДУИ (обвинителот Абази е со потекло од Зајас, родното место на Али Ахмети) и дека обвинителите кои одобриле ваков избор без никакви критериуми треба да бидат сменети и да добијат забрана за вршење на обвинителска дејност..

-За мене овој избор е само уште една цигла во зградата на мафијата која ја држи државата во заробеништво Изборот на човек кој е отворено поврзан со ДУИ и за чиј избор отсуствуваат било какви објективни критериум зборува за недостатокот од критична маса на обвинители со елементарен интелектуален и морален капацитет и во секој случај е јасен показател за неспремноста на актуелната владејачка структура за вистинска борба со криминалот, напиша на ФБ Најчевска.

Според неа, на обвинителите „изгледа ептен им се допадна работењето на Катица Јанева и се обидуваат да го етаблираат моделот на ново ниво.“

Катица Јанева ја спомнува и професорот Гордан Калајџиев.

-Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава!  Обвинителот што го “избраа” не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата, коментира Калајџиев.

Споредбата на Абази со Катица Јанева е честа и меѓу адвокатите.

-Секако дека го перцепирам како проблем фактот што не ја удостои јавноста со свое присуство на организирана јавна дебата на ТВ каде што јавноста ќе можеше да се запознае со неговите планови, програма за работа, цели итн. На некој начин со овој избор ЈО ГОКК се катицајаневизираше. Подолго време се шпекулираше дека ова столче е резервирано за ДУИ, што е тажно да се каже, но за жал реалноста е таа. Притоа најмалку е важно неговото родно место – напиша адвокатот Јанаки Митровски.

Од адвокатска канцеларија Давидовиќ Јанковиќ наведуваат дека обвинителите покажале дека не ги интересира програма туку „замрзнување“ на состојбата.

-Вчерашниот избор на првиот човек во обвинителството за организиран криминал и корупција покажа дека на правосудството му нема спас. Обвинителите покажаа дека не гласаат за програма, визија, стручност  и дека немаат никаква желба за промени па затоа гласаат за анонимус кој не најде за потребно ни да и се претстави на јавноста, напишаа од оваа адвокатска канцеларија.

Адвокатите сметаат дека проблемот е во врвот на Јавното обвинителство, во тимот на на државниот обвинител Јовевски, каде што го обезбедија победничкиот контингент на гласови за Абази кој беше најнесискусен во конкуренција за нов обвинител за гонење на организиран криминал и корупција.

-Пенавејќи се вчера наутро без фајде на интервју за кутрите обвинители, особено оние од помалите места кои мора да патуваат до Скопје, Битола, Гостивар или Штип за да остварат право на глас и исправајќи некакви “криви дрини”, целосно го занемарив фактот дека гласаат и обвинители од републичкото обвинителство (најумните, нели?). Е тие му ја донесоа победата на овој кој не можам, а ќе мора да го запомнам како се вика, потенцира на ФБ, адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска.

Најголем дел, одговорноста за гласањето, но и за сите пропусти на мистериозниот и анонимен обвинител Абази чија фотографија нема ниту на интернет, ја гледаат во неговите гласачи- обвинителите.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.