Неонацистичката Златна Зора прогласена за криминална организација

Околу 15 илјади луѓе пред судот во Атина, со овации ја поздравија веста што ја чекаа цели пет години.
Грчкиот суд пресуди дека екстремно десничарската партија работела како криминална организација. Во како што многумина го нарекоа грчкиот „Нирнбершки процес, беа опфатени 68 обвинети, меѓу нив и 15 екс пратеници. Седуммина, вклучително лидерот Никос Михало лијакос и Илиас Касидиарис, познат по делењето шамари во ТВ студио, се прогласени за виновни за водење криминална организација. Останатите 61 за учество. Голем дел од нив се соочуваат со казна затвор над 10 години. Пресудата ја поздрави и грчкиот премиер Мицотакис.
-Денешната одлука за Златна Зора затвора еден трауматски цикилус во јавниот живот на нашата земја. Свесно се воздржувам од коментирање на судски одлуки, но како граѓанин, се придодавам на општото задоволство за признавањето на нејзиниот криминален карактер., изјави Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција.
Пресудата мина под драконски мерки на безбедност. Група ултрадесничари предизвикаа нереди, но не можеа против две илјадите полицајци пред судот, кој го надлетуваа и неколку хеликоптери. И лидерот на Сириза, Ципрас кој беше пред судот се соочи со инцидент откако бил гаѓан со шишиња.
-Во свеста на грчкиот народ, Златна Зора е криминална организација и ќе заврши таму каде што и е местото, во корпата за отпадоци на историјата. Тоа е резултат на борбата на овој народ., изјави Алексис Ципрас., лидер на Сириза.
Овој ден пет и пол години го чекаше и Магда Фиса, мајка на 34-годишен хип-хоп пејач, убиен од приврзаник на Златна Зора пред осум години, кој денеска беше прогласен за виновен. Денеска паднаа и пресуди за насилство врз мигранти и левичарски активисти од страна на неонацистичката партија, која зенитот го доживеа во 2012та година, кога со 21 пратеник стана трета најголема партија во собранието. Партијата беше основана во 80тите години, и со години промовираше радикални десни и расистички идеи, со константно тероризирање на мигрантите и ЛГБТ заедницата.