НЕМА ТЕНДЕР ВО МВР КАЈ ШТО НЕ СТЕ КРАДЕЛЕ, И НА СПАЈАЛИЦИ СТЕ ЌАРУВАЛЕ, ОДГОВОРИ СПАСОВСКИ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ОД ВМРО-ДПМНЕ
Пред 18 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го прочита експозето за интерпелацијата што оваа партија ја поднесе против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој го обвини Спасовски за незаконски тендер за коли во МВР, непотизам и за селективно апсење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на неистомисленици. Го обвини дека граѓаните се чувствуваат се понебезбедни, оти криминалот е во пораст…
Спасовски му се заблагодари на Мицевски и одговорот го почна со краток опис на катастрофата, како што рече, што ја затекнал во МВР.
„Не беше моја работа да се жалам наоколу, туку да ги ставам во функција сите расположливи капацитети за да не биде веќе МВРО-ВМРО партиска испостава и да работи во корист и во заштита на сите граѓани во Македонија“, рече тој.
„Па немате тендер кај што не сте краделе. На спајалици сте ќарувале. Од фирмите за чистење сте ќарувале по милион евра секоја година. Чавков за 700.000 евра има набавено 25 возила за МВР. За милион евра во мое време, набавени се 45 исти такви возила“, кажуваше Спасовски примери за јавни набавки.
Тој рече дека во неговото министерување нема криење убиства, како убиството на Мартин Нешковски. И МВР не апси, туку работи како ќе му каже Обвинителството, рече Спасовски.
Потоа зборуваше за семејните стебла во МВР, каде кажа дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ биле вработувани од баби и дедовци, до внуци, тетки и тетиновци.
„Подобро засрамете се и молчете на таа тема“, одговори Спасовски на обвинувањата на Мицевски дека вработил свој близок роднина во Граничната полиција.
„Командирот ваш на алфите има фалц диплома за средно училиште, командири на полициски станици фалсификати за средно и за факултет, началници на организиран криминал биле со фалц дипломи, битката со тие дипломи ќе ја истерам до крај“, рече Спасовски.