Немам доверба во Османи, вели Димитров – Османи: Моите позиции се согласно државните интереси
Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на водењето на преговорите со Бугарија. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој нема да биде дел од идниот владин кабинет.
„Да. Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи, во скорешниот еве уште два или три дена колега во однос на ова прашање. Имам едно чувство дека таму има еден драјв за успех по секоја цена што мислам дека не е продуктивен и е опасен. Можеби и грешам, се надевам дека грешам“, истакна Никола Димитров.
Министерот Османи со реакција дека преговорите на техничко ниво ги водат работни групи а кои ги застапуваат интересите на државата, но истовремено дека и неговите лични позиции се во согласност со државните. Критиките на Димитров ги оцени како непродуктивни и нефер и тоа пред претстојната посета на високата бугарска делегација предводена од премиерот Петков.
„Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од МНР секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв. И моите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно ги застапуваме и тоа и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи“, посочи Бујар Османи.
Димитров често пати во своите настапи реагираше отворено и без ракавици во врска со односот и барањата на Бугарија. Сега открива дека често пати имал сериозни несогласувања во интерните состаноци во Владата и вели дека бил пречка за лошо решение со Бугарија, а не биле на иста линија и со Владо Бучковски кој од вчера е разрешен од позицијата на специјален претставник на Владата во преговорите со Бугарија.
„Последните месеци поранешниот премиер не беше вклучен во интерните комуникации а мој впечаток е дека тој беше глас што не беше баш на линија на моите позиции“, додава Никола Димитров.
Димитров вели дека и покрај тоа што нема да биде дел од новата Влада тој ќе остане да го следи процесот на преговорите со Бугарија и јавно ќе укажува на секој погрешен чекор. Му било понудено да биде и амбасадор во Соединетите Американски Држави, но вели одбил бидејќи на тој начин не ќе може да зборува и реагира гласно.