ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Некои земјоделци ќе добијат полни резервоари зелена нафта, а некои уште ќе ораат со плуг

Зелената нафта која земјоделците ќе ја добијат до крајот на месецов, веќе одамна се применува во многу земји во Европа и во соседството. Според агроекспертите оваа мерка, која земјоделците долго ја очекуваа ќе придонесе за поголема конкурентност на македонското земјоделско производство и намалување на трошоците за производство. И покрај најавите дека зелената нафта ќе стигне до сите земјоделци, сепак некои од земјоделците сметаат дека нема да можат да ја добијат поради нерешени имотно-правни односи и немање на договор за закуп на земјиштето кое го обработуваат. Сепак, таа во голем дел ќе им ги намали трошоците и ќе им ги поевтини производите на оние што ќе ја добијат. Зелена нафта како мерка за поттикнување на земјоделското производство одамна се применува во многу европски земји и во соседството. За разлика од кај нас во соседна Србија изминативе три години имаше само акциски попусти на горивото кое земјоделците го користеа за земјоделската механизација.


Зелената нафта, како што истакнаа агроекспертите ќе биде големо олеснување за земјоделците без разлика дали ќе се доделува според култури, според површини или за поединечни операции. Така, само за житарките во Македонија има 5-6 операции. Според нив, ова ќе придонесе за поголема конкурентност на македонското земјоделско производство кое ја губи трката со европските земји каде освен зелена нафта се даваат разни субвенции и стимулации. Така 67 отсто од буџетот на Европа оди за субвенции за земјоделство, водостопанство и екологија.
Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров смета дека многу земјоделци ќе останат без зелена нафта, бидејќи не се сопственици на земјата што ја обработуваат.
-Како што од вкупно 192 илјади земјоделски домаќинства само 80 илјади земаат субвенции, така ќе има многу земјоделци кои ќе останат без зелена нафта. Причината за тоа е што голем дел од македонските земјоделци обработуваат туѓа земја, земја во сопственост на други лица или на стари земјоделци. Овие земјоделци можат да добиваат субвенции и зелена нафта само ако направат договор за закуп со сопствениците на земјата, објаснува тој.
Зелена нафта македонските земјоделци добиваа во времето на Владата на Никола Кљусев, која беше 50 отсто поевтина од нафтата што ја земаа комбинатите.
Кофинансирањето на почетокот ќе биде 30 отсто од трошоците, но со оглед на тоа дека се работи за нова мерка што прв пат се воведува, не е исклучено овој процент да се зголеми до 50. Користењето на картичките е предвидено да биде за повеќе години. Земјоделците би можеле да ги користат во сезоните кога вистински таа нафта се употребува за конкретното земјоделско производство за кое е наменета.


Во Србија пак, земјоделците изминатите три години добиваа акциски попусти од нафтените компании кои во голем дел им ги намалуваа трошоците за производство. Што се однесува до субвенциите од Владата за земјоделска нафта и тие сè уште ги чекаат.
-Отприлика трошам околу пет илјади литри годишно. Во иднина ќе користам и повеќе бидејќи почнав да се занимавам и со сточарство, така што се надевам дека субвенциите за гориво ќе бидат во висина на акцизата која ја плаќам за горивото, а која не се плаќа во ниту една земја во Европска Унија, вели земјоделец од Суботица, Павле Кујунџиќ.
Наместо скап дизел, во Србија земјоделците за да ги намалат трошоците во своите трактори сипуваа нелегално купено базно масло, па дури и обичен зејтин. Затоа за нив не е важно на кој начин ќе се субвенционира, дали преку враќање на делот за акциза, дали преку посебно обоен дизел за земјоделско производство, важно е оти ќе ги намали трошоците на инпутот на земјоделското производство и ќе придонесе во борбата против сивата економија во овој сегмент.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.