Неизвесен крај на школската година – кој ќе го плати цехот од штрајкот во образованието?
Скратена настава, заменски наставници или продолжена школска година се во игра ако продолжи штрајкот во училиштата и градинките
Ученичките клупи веќе втора недела се празни поради штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за поголеми плати на наставниот кадар. Додека траат преговорите, кои засега се чини се во ќорсокак, откако СОНК го одби предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите, најголемата штета од прекинатиот образовен процес ја трпат учениците. На само месец и половина пред крајот на учебната година, и само неколку недели пред полагањето на стручните испити и државната матура, родителите и учениците се во грч и неизвесност како ќе се надополнат изгубените часови и како тоа ќе се одрази на нивните планови за запишување во средните училишта, или пак за продолжување на школувањето на високообразовните институции.
Надлежните министри апелираат за разумност и ги повикуваат наставниците да го прекинат штрајкот, додека дел од родителите бараат професорите да штрајкуваат по работното време, без да го нарушуваат образовниот процес на штета на децата. „Нашите деца за неполн месец ги чека полагање матура и уписи на факултет. Имаа продолжен распуст поради пандемијата, сега уште овој прекин им фалеше. Кој ќе биде виновен за евентуалните лоши резултати?“, реагираат родителите чии деца се наоѓаат пред важни одлуки за продолжување на понатамошното образование.