На Путин не му останаа многу опции за Украина
Се чини Кремљ се труди „да купи време“ до конечната одлука дали да влезе во Украина или да се повлече и повторно да се „поврзе“ со САД, коментира Константин Егерт.
Владимир Путин сигурно знаеше каков ќе биде одговорот од САД и НАТО на неговиот ултиматум од декември тие да престанат со своите воени активности во источна Европа и централна Азија, уште пред да му биде испорачан во писмена форма до руското Министерство за надворешни работи преку американскиот амбасадор Џон Саливан. И секако дека пишуваше „не“ за руското вето за проширување на НАТО, и „не“ за повлекување на сојузничките сили од централно европските и балтичките земји членки, но „да“ за преговори околу контролата на оружје и мерките за градење доверба. Ова истото Американците постојано му го повторуваа и нему и на неговиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, во неделите пред Путин да побара писмени „безбедносни гаранции“ од Алијансата.
Специфичното барање на Кремљ за писмен одговор на ултиматумот од САД и НАТО беше обид да си купи време и тоа да се искористи за да се продлабочи јазот помеѓу Вашингтон и европските сојузници, да се стационираат уште повеќе трупи на границата со Украина и да се задржи светското внимание кон Москва како незаменлив играч на меѓународната сцена. Но, Путин се соочува со сѐ повоинствената американска администрација, која се чини има сè поголемо влијание врз европските сојузници. Како неочекуван акт на дипломатска ескалација, Вашингтон во средата протера над дваесетина руски дипломати.