ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

На власта и се брза со законот за работни односи и покрај забелешките на ЕУ

Поднесени како пакет, но се гласаат одделно. За првпат, пратениците нема да го чекаат пакетот на законски измени кои беа испратени со европско знаменце и по кратка постапка, туку ги гласаат одделно, како што се разгледуваат на Комисијата за европски прашања.

Денеска продолжува пленарната седница на која се наоѓаат измените на законот за работни односи, за што реагираше и опозицијата. Во исто време, на Комисијата за европски прашања се разгледуваат измените на Законот за урбанистичко планирање, по кој остануваат уште три од предложените законски измени.

„Денеска се наоѓаме во една ситуација која што ја немаме видено во Собранието, а тоа е да е во тек комисиската расправа за одредени законски решенија, а ние на пленарна седница да итаме да ги носиме овие закони. Со ова само се потврдува желбата да овие криминални закони бидат донесени побрзо.“ – изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Околу сето она што го зборувате за криминалот, вашата партија ВМРО-ДПМНЕ со обвинителниот акт „Траекторија“ е обвинета за проневера на пари на граѓаните за автопат кој не го изградивте.“ – изјави Миле Талевски од СДСМ.

Владата пак, се уште го правда потегот, на петте закоснки измени кои доаѓаат по договорот со „Бехтел и Енка“, да им се стави европско знаменце. Но, се уште немаат конкретна сума, колку ќе чинат автопатите. Денеска на брифинг со новинарите и премиерот Димитар Ковчаевски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потврдија дека сумата од 1,3 милијарди евра е добиена само од проценка. За петте законски измени пак, тврдат дека се олеснување на процедурата и овозможување да се гради во пократок период.

„Не можеме да нагаѓаме колку ќе чини проектот. Ова е проценка, а после основниот проект ќе имаме поконкретна сума колку ќе чинат делниците од Коридорите. Со сегашните закони, само за одобрување на ваков проект ни требаат шест месеци, а за експропријација шест години. Практично само се избегнуваат административните процедури. Сега имаме систем, како да градиме автопати 50 години.“ – изјави Бочварски.

Забелешките на ЕУ пак, дека се злоупотребува европското знаменце за закони кои не се доближување на македонското и европското законодавство, не ги коментираат, само велат дека очекуваат разбирање од Унијата, бидејќи испратиле појаснување дека освен што овие законски измени ќе важат и за проекти финансирани од европски пари, иако измените доаѓаат по договорот со „Бехтел и Енка“.

Утре пак, Коридорот 8 ќе биде ставен на мапата паневропски коридори – нешто што владата го користи како дополнителен аргумент, зошто европското знаменце се најде на проект кој ќе биде покриен од буџетски пари и на закони кои немаат никаква поврзаност со европските.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.