ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Најден лек за коронавирусот што спасува живот

Експертите велат дека не треба да се одложува со давањето на евтиниот лек на пациентите по „фантастичните“ резултати од тестирањето, пренесува Би-би-си. Но – луѓето не треба да излегуваат и да го купуваат за да го примаат дома.

Евтин и широко достапен лек наречен дексаметазон може да помогне да се спасат животите на пациентите што се сериозно заболени од коронавирусот.

Британските експерти велат дека третманот со мала доза од овој стероид е голем успех во борбата против смртоносниот вирус.

Лекот го намалува ризикот од смрт кај третина од пациентите што се на вентилатори. Кај оние на кислород лекот ги намалува смртните случаи за една петтина.

Лекот е дел од најголемото тестирање на постојните лекови во светот за да се види дали тие дејствуваат и против коронавирусот.

Истражувачите проценуваат дека доколку лекот се употребувал за лекување пациенти во Британија од почетокот на пандемијата на коронавирусот, можело да се спасат до 5.000 животи. Бидејќи е евтин, може да биде од голема корист во посиромашните земји што се соочени со голем број пациенти со ковид-19.

Спасувач на животи

Околу 19 од 20 пациенти со коронавирус оздравуваат без да бидат примени во болница. Од оние што се примени во болница, повеќето исто така оздравуваат, но на некои може да им треба кислород или механичка вентилација. Ова се пациенти со висок ризик, на кои се чини дека дексаметазонот им помага.

Лекот веќе се користи за да се сузбие воспалението во низа други болести и се чини дека помага делумно да се спречат штетите што може да се појават кога имунолошкиот систем на организмот „се прегрева“ додека се обидува да се бори против коронавирусот.

Пресилната реакција на телото се нарекува „цитокинска бура“ и може да биде смртоносна.

Во тестирањето, предводено од тим од универзитетот Оксфорд, околу 2.000 болнички пациенти добиле дексаметазон и биле споредувани со повеќе од 4.000 што не го примиле лекот.

Кај пациентите на вентилатори тој го намалува ризикот од смрт од 40% на 28%. Кај пациентите на кои им е потребен кислород тој го намалува ризикот од смрт од 25% на 20%.

Главниот истражувач, проф. Питер Хорби, рече: „Ова е единствениот лек досега за кој се покажа дека ја намалува смртноста – и тоа значително ја намалува. Тоа е голем успех.“

Истражувачот проф. Мартин Ландреј вели дека наодите сугерираат дека на секои осум пациенти третирани на вентилатори, може да спасите еден живот.

За оние пациенти третирани со кислород, заштедувате еден живот на приближно секои 20-25 третирани со лекот.

„Има јасна, јасна корист. Третманот е до 10 дена дексаметазон и чини околу 5 фунти по пациент. Значи, во суштина чини 35 фунти за да заштедите живот. Ова е лек што е достапен на глобално ниво.“

Професорот Ландреј вели дека на болничките пациенти сега тој треба да им се дава без одлагање, но дека луѓето не треба да излегуваат и да го купуваат за да го примаат дома.

Дексаметазонот се чини дека не им помага на луѓето со поблаги симптоми на коронавирусот – на оние на кои не им треба помош при дишењето.

Процесот на тестирање трае од март. Тој го вклучувал и лекот за маларија хидроксихлорокин, кој потоа бил исфрлен поради загриженост дека ги зголемува смртните случаи и срцевите проблеми.

Веќе е достапен и друг лек наречен ремдесивир, антивирусен третман што се чини дека го скратува времето на закрепнување за лицата со коронавирусот.

Стар добар евтин стероид

Првиот лек за кој е докажано дека ги намалува смртните случаи од ковид-19 не е некој нов, скап лек, туку стар, евтин стероид.

Ова е нешто што треба да се слави, вели Би-би-си, затоа што тоа значи дека пациентите низ целиот свет веднаш би можеле да имаат корист од него. Затоа и се брзаше со резултатите од ова тестирање – затоа што последиците се толку огромни на глобално ниво.

Дексаметазонот се користи уште од раните 1960-ти години за лекување на широк спектар болести, како што се ревматоидниот артритис и астмата. Половина од сите пациенти со ковид што имаат потреба од вентилатор не преживуваат, така што намалувањето на тој ризик за третина би имало огромно влијание.

Лекот се дава интравенски на интензивна нега и во форма на таблети за помалку сериозно болни пациенти. Досега, единствениот друг лек за кој е докажано дека им помага на пациентите со ковид е ремдесивирот, антивирусен лек што се користи против еболата.

Се покажа дека тој го намалува времетраењето на симптомите од коронавирусот од 15 на 11 дена, но доказите не беа доволно силни за да се покаже дали ја намалува смртноста. За разлика од дексаметазонот, ремдесивирот е нов лек со ограничени залихи, а цената допрва треба да се објави.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.