Наумоски: Што беше подобро за Скопје – социјализмот или капитализмот?
„Што беше подобро за Скопје кое 45 години живееше во едната, а 30 години во другава денешна стварност?“, прашува Никола Наумоски во колумната „Капиталот и Градот“, објавена во Слободен Печат.
Според Наумоски, Скопје 1991-та бил главен град на една од југословенските републики и град со сите нишани: „Во рамките на градот Скопје тогаш функционираа многу повеќе јавни претпријатија, многу повеќе културни институции, спортски друштва и објекти, повеќе образовни установи и многу повеќе општествена моќ концентрирана во тогашните градоначалници и градски собранија. Скопје оттогаш ги нема своите Градски аптеки, своето Градско станбено претпријатие, Градските пазари, Градските гробишта, Градската топлификација… Во Скопје оттогаш е приватизиран дел од градскиот превоз, одземени му се образовни установи како Народна техника и Работничкиот универзитет, приватизирани се дури и најпопуларните културни манифестации како Скопскиот џез-фестивал, Скопско лето, Скопскиот фестивал, Златно славејче… Приватизирани се и објектите за спорт изградени со самопридонесот во 1974 година и донациите од странските држави (СРЦ Кале, Градски стадион, Расадник, Олимписки базен…).“
Според Наумоски, по приватизацијата и „капиталистичкото лудило“ од 90-тите години на минатиот век, Град Скопје е оставен само со непрофитабилните дејности и оние што е незамисливо да бидат приватизирани (комуналните претпријатија, гимназиите, пожарникарите…): „Она што е задржано е дополнително цепкано на делови за профитабилните да можат да се приватизираат, а другите да останат во градски раце. Така, депонијата Дрисла е одвоена од градскиот комунален систем и продадена на стратешки инвеститор 20 години после лудите 90-ти, ист е случајот со СРЦ Треска, како и најфреквентните линии на ЈСП кои се дадени на приватни превозници. Градскиот станбен фонд не е разграбен од алчни капиталисти, туку од државата која го презеде градското станбено и целиот негов станбен фонд.“
Наумоски го покренува прашањето што добија скопјани од нивната приватизација: „Дали Скопје води подобри енергетски политики денес, без своја топлификација, или пред 30 години? … Од илјадници станови на свое име, Град Скопје денес нема ниту еден, па според тоа не може ниту да влијае на цените за продажба и изнајмување, да прави интервенции во демографската и социјалната структура на зградите и маалата, да поставува стандарди во изградбата и одржувањето, а што е најважно, врзани му се рацете во однос на експропријацијата за изградба на инфраструктурни објекти (како улици, булевари, школи, паркови, игралишта и сл.). Тоа драстично ја зголемува цената на инфраструктурата што градот ја гради и многу често го спречува во намерите да отвори некој нов коридор.“
Наумоски прави слична анализа и во однос на образовните институции, културните манифестации и се друго што е приватизирано оттогаш, заклучувајќи дека „во Град Скопје речиси и да нема пример каде капиталот помогнал во развојот на градот“.
Наумоски смета дека „секоја градска администрација треба да работи на проширување на овие дејности, а не на нивно приватизирање“.