Народна банка: Еуростандард банка мораше да се затвори оти сопствениците не обезбедија законски минимум на капитал
НБ појасни дека согласно со Законот за банките, за да се основа банка потребен е капитал од најмалку 310.000.000 денари, што сопствениците и банката во текот на своето работење се должни да го одржуваат или зголемуваат, но не смее да се намалува.
Народната банка, уште еднаш појасни дека одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка е законска и затоа што банката не ги изполнила минималните услови за работа.
– Согласно со Законот за банките, за да се основа банка потребен е капитал од најмалку 310.000.000 денари, што сопствениците и банката во текот на своето работење се должни да го одржуваат или зголемуваат, но не смее да се намалува. Имајќи предвид дека секоја банка, покрај со сопствените средства располага и работи и со средствата на депонентите, со Законот е утврдена и минимална стапка на покриеност на пласманите на банката со сопствените средства, т.н. стапка на адекватност на капиталот од 8% – појаснуваат од НБ.
Оттаму додаваат дека одлуката за укинување на дозволата на Еуростандард банка како и сите други одлуки што ги носи Народната банка, произлегува исклучиво од примена на законите, согласно со утврдени процедури коишто се усогласени со најдобрите меѓународни практики.
– Стручните супервизорски тимови на Народната банка подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура, односно информации, анализи и предлози за постапување, врз основа на коишто се носи одлуката. На овој принцип е донесена и конкретната одлука што се однесува на Еуростандард банка. На оваа одлука претходеа низа супервизорски мерки – велат од НБ.
Од Централната банка информираат и дека поради слабостите во своето работење, Еуростандард банка подолг период била под засилен супервизорски надзор и ѝ биле изрекувани бројни супервизорски мерки.