ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

„Монструм“, сведочења на Ахмети, Османи и Бајрами

Лидерот на ДУИ Али Ахмети сведочеше за случајот „Монструм“. Обвинителката Фатиме Фетаи го праша зошто имал сомнежи во работата на истражните органи и побарал да се формира комисија да работи на случајот. Ахмети на Фетаи ù одговори дека во ДУИ имале информации за можни протести и ситуацијата да излегла од контрола. Добивал –рече –  информации од институциите, но не прецизираше конкретно од кого.

Ахмети во судот неколку пати потенцираше дека како лидер на политичка партија има одговорност. Барал во расветлувањето на случајот да се вклучи и ФБИ. Од Брисел и Вашингтон Ахмети барал да го мониторираат случајот, но оттаму му одговориле дека му веруваат на ОБСЕ. Инсистирал судскиот процес да се врати одново. Целта на ДУИ, рече Ахмети, била да се докаже вистината за случајот.

„Да нема селективна правда. Вакви случаи нè примораа да размислуваме околу имплементацијата на ветинг во судството… Ние очекуваме судските власти да го разработат случајот и да го расветлат. Ние како политичка партија плативме висока цена, сите нè обвинуваа дека ние сме актери дека ние сме поврзани со случајот. Никој повеќе од нас не сака да се расветли овој случај бидејќи политичката цена ја плаќаме ние“, рече сведокот Ахмети.

Сведочеше и вицепремиерот Бујар Османи. Кажа дека ДУИ се интересирала за случајот и потврди дека се сретнал со семејството на Хаки Азири, еден од обвинетите кој во тоа време исчезна една недела. За судскиот процес тврди дека не вршеле притисок.

„Ние не сме правеле никаква форма на притисок врз судството. Ние сме барале јавно дека очигледно при првото не ги задоволи барањата на граѓаните за транспарентност и јавно презентирање на аргументите. Мислам дека овој пат тоа се прави на транспарентен начин“, рече сведокот Османи.

Денеска се појави и обвинителот Џељал Бајрами. Тој во 2012 година беше заменик-министер во МВР. Во судот кажа дека тогашната министерка Јанкулоска на прес-конференција ги осудила тогашните осомничени лица за случајот. Се пожали дека како нејзин заменик тешко доаѓал до информации за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Фетаи го праша дали полициските информации му ги кажувал на Али Ахмети. Тој рече дека не се сеќава, ама неформални разговори со Ахмети имал.

По судењето, адвокатката на семејствата на убиените изјави дека денешните сведочења нема да придонесат за судскиот процес.

„Се распрашувале за семејствата на убиените деца, се распрашувале исто така и за обвинетите, дали евентуално еден од нив нема вина и да не бидат притворени.  Имале влијание, сакале да се повтори судската постапка“, рече адвокатката Дафинка Ивановска.

„Ние сакавме да докажеме дека судство и воопшто не постои, само желби на Али Ахмети, како што и самиот во повеќе наврати кажа, да се повтори постапката“, рече Горан Наќевски, татко на убиениот Александар.

Судењето за „Монструм“ продолжува наредниот четврток. Ќе сведочат повеќе лица. Синиша Алексовски кој му беше советник за национална безбедност на екс-претседателот Ѓорге Иванов, потоа поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, екс-министерот за правда Блерим Беџети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.