Мицкоски за скандалот во М НАВ: Да беше во Вашингтон, Париз или Берлин, бандитите ќе беа уапсени или ликвидирани

Бандитите кои влегоа во М НАВ тоа да го направеа на некој од светските Аеродроми, најмалку ќе беа уапсени, а можеби и ликвидирани. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментира скандалозниот напад на контролори на летање на скопскиот Аеродром. За овие случувања наместо веднаш да бидат приведени насилниците, добија покана сами да дојдат на разговор во полиција.
-Замислете што би се случило кога ваква би рекол бандитска група би упаднала на вашингтонскиот Аеродром, или на Аеродромот во Париз, или на Аеродромот во Берлин. Или сега би биле уапсени или ликвидирани, изјави Мицкоски.
Мицкоски вели дека стартот на годината бил скандалозен. Секој ден власта имала по некој нов скандал. Случувањата во контролната кула на скопскиот Аеродром според опозицискиот лидер се само капак на сите скандали на оваа власт. Поради тоа порачува дека е потребна промена на власта во Македонија.
-Секој ден имате вие еден нов скандал, на онаа бандитска криминална група која што упадна во просториите на македонска навигација, и она партиско оптруирано Обвинителство и судство кое што тоа го помина како небаре да станува збор за некој кој што позајмил 10-тина кебапчиња од кебапчилница. Жалосно и трагично е и затоа се потребни промени, да не ни се случуваат вакви бандити, односно ако се случат веднаш да бидат санкционирани и казнети, изјави Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за изборот на Талат Џафери за технички премиер, тоа бил негов личен и партиски став, дека собранискиот спикер не заслужува поддршка.
-Мојот став е јасен, а тој став ќе го соопштам и на Извршниот и Централниот Комитет, Талат Џафери не ја заслужува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и ќе се воздржиме од гласање, изјави Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ будно ја следат и состојбата во ДИК, каде што фали еден член од албанската опозиција, односно замена за сегашниот министер за правда, Кренар Лога, откако Алијанса за Албанците стана дел од владината коалиција. Сепак владејачката партија не сака да се откаже од свој член во ДИК, па поради тоа е блокиран изборот на член на предлог на албанскиот опозициски блок. Од ВМРО ДПМНЕ анализирале за случувањата, па ќе одлучеле дали можеби и ќе ги повлечат своите членови од таму.