ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Мицкоски: Ако не успееме да го срушиме Заев и составиме нова Влада, предвремени парламентарни избори се најдобрата опција

Македонија повторно се најде во вистински политички вртлог од кој никако не успева да излезе. Имено, по дебаклот на локалните избори и губењето на власта во главниот град Скопје, и откако на 31-ви октомври најави дека ќе поднесе оставка Зоран Заев, премиер и претседател на СДСМ, сепак се предомисли, како што и опозицијата предвиде.

Тој е сигурен дека доколку истрае на тоа, би ги загубил и парламентарните избори. По седницата на Главниот и Извршниот одбор на СДСМ, одржани во вторникот вечерта, како оправдување за повлекување на оставката, напомена дека Одборот предложил оставката да се одложи и да се заложи за процесот на зачувување на парламентарното мнозинство.

Ова не е прв пат Зоран Заев да објави оставка и да се откаже од неа. Имено, откако името Македонија го промени во Северна Македонија, најави оставка доколку не почнат разговори за влез во ЕУ. Кога францускиот претседател Емануел Макрон ги блокираше пристапните преговори за проширување на ЕУ, Зоран Заев ја повлече оставката. Новото парламентарно мнозинство кое во петокот го договорија македонските опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица, како и албанските Алијанса за Албанците и Алтернатива, со помош на претставници на владејачкото движење Беса, во Собранието поднесоа иницијатива за гласање за недоверба на владата на премиерот Зоран Заев што го сочинуваат СДСМ и ДУИ на Али Ахмети.

Иницијативата ја потпишаа 61 од вкупно 120 пратеници. Која е политичката судбина на Македонија и дали ќе оди на предвремени парламентарни избори, дали премиерот Зоран Заев ќе го преживее гласањето за недоверба на Владата и дали Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на најголемата опозициска партија ќе успее да формира ново парламентарно мнозинство, по што таа партија би се вратила на чело на државата и во која насока во тој случај би се движела Македонија, одговора самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ во ексклузивно интервју за Вечерњи лист, Христијан Мицкоски реализирано на почеток од оваа недела.

Прашање: Поради победата на Данела Арсовска на изборите за градоначалник на Скопје, која ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, премиерот на Македонија, Зоран Заев си поднесе оставка. Дали сте среќни заради тоа?

Одговор: Оставката доаѓа поради победата на Данела Арсовска во Скопје, но и поради победата во останатите 42 општини каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата оствари сигурни и убедливи победи, со што разликата која беше во полза на ВМРО-ДПМНЕ практично ја делегитимираше владата на Зоран Заев. Власта загуби во сите поголеми градови низ целата република. На некој начин, пред се и поради однесувањето и влогот кој го стави самиот Зоран Заев кој изјави дека ако загуби на изборите, тогаш си оди од политиката, овие избори се доживееа како еден вид на референдум против актуелната влада, при што резултатите покажаа убедлив пораз на Заев и победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашање: Оставката на Зоран Заев сеуште не е изгласана во Парламентот, па затоа најавивте дека ќе поднесете интерпелација за гласање на недоверба на владата, ако премиерот не го исполни своето ветување.

Одговор: Зоран Заев е познат по тоа што не си држи до зборот и не ги исполнува ветувањата. Тој по прогласувањето на резултатите од изборите самиот посочи дека ќе се повлече и од неговата СДСМ и од Владата поради изборниот дебакл. Од тогаш до сега, втора недела Заев остана само на таквото ветување, но во реалноста таа оставка не ја реализира. Многу е реално за очекување тој и ова свое ветување да не си го исполни, и затоа ние поведовме иницијатива во собранието со мнозински 61 потпис да гласаме недоверба на неговата влада. Во меѓувреме, би рекол својствена за Заев започнаа притисоците врз пратениците, понуди со пари и слични полу информации со цел да не се гласа за доверба на владата. Како ќе заврши таквата ситуација оставам да покаже времето, но овде не е прашањето дали, туку кога ќе падне владата на Заев која целосно го има загубено легитимитетот од народот и граѓаните.

Прашање: Што ќе се случи ако новото парламентарно мнозинство, кое е составено од партии со целосно различни гледишта во стратешките прашања, да изгласа недоверба на владата, а не успее да формира нова влада?

Одговор: Ние се обединивме на иницијативата со јасна цел да ја срушиме актуелната влада, и точно е дека имаме и разлики меѓу нас, но тие се помали од она што е заедничка цел промени во централната власт и реформи во државата. ВМРО-ДПМНЕ нема дилеми за стратешките приоритети на земјата, особено за економското консолидирање, членството во ЕУ, интегрирањето на регионот. И тоа не треба да се злоупотребува од власта, или да се плаши народот дека тие цели се загрозени, затоа што секој пат кога ќе речат дека стратешките цели се доведени во прашање, треба да знаете дека единствено така ги штитат своите лични кариери и бегаат од одговорност за криминалот кој се прави.

Прашање: Доколку се потврди ново мнозинство, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски го доделува мандатот на оној кој има мнозинство, а потоа мандатарот во рок од 20 дена треба да достави до Собранието предлог на нова влада. Ако тоа не успее мора да се оди на предвремени парламентарни избори? Што е по веројатно – да формирате нова влада или да има нови предвремени парламентарни избори?

Одговор: Не би навлегувал во детали. Чекор по чекор. Прво да ја срушиме оваа власт, црпејќи го легитимитетот за ова пред се од резултатите добиени на последните избори. Јас јавно реков дека ќе се обидеме да формираме влада, но доколку таквата влада не ја гарантира стабилноста потребна за реализација на реформите кои се очекуваат од нас и мораме да ги спроведеме, тогаш брзите предвремени избори се најдобрата опција.

Прашање: Ги повикавте и пратениците од другите партии кои се во коалиција со СДСМ да бидат дел од новото мнозинство, кои покрај ВМРО-ДПМНЕ се и партијата Левица и три албански политички партии, Алијанса за албанците, Алтернатива и движењето Беса. Таа нова коалиција брои 61 од 120 пратеници во Собранието. Ќе може ли ваквата коалиција да функционира?

Одговор: Многумина пред изборите велеа дека е невозможно да се обедини опозицијата во борбата против власта, но самите избори покажаа дека таквото обединување е возможно. Јас сум оптимист доколку се согласиме околу стратешките правци на понатамошното движење на државата, одговорот е секако дека да, и во тој блок е добредојден секој кој ќе ги негува и почитува тие принципи.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.