Мицевски од ковид-изолација со повик до Реџепи за нова интерпелација
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој е во изолација како позитивен на корона, упати преку фејсбук статус повик до пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи, кој најави дека поради Левица го повлекува потписот од иницијативата за гласање доверба на владата предводена од Заев.
Мицевски смета дека од петокот кога беа објавени 61-те потписи за иницијативата „власта започна со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско Собрание.“
-Колега Скендер ајде заедно да ја урнеме криминалната и од народот делегитимирана влада! Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ, пишува Мицевски на својот фб профил.
Координаторот Мицевски е еден од тројца пратеници болни од корона во пресрет на четврточната седница на парламентот за разгледување на иницијативата за (не)доверба на владиниот кабинет.
Тој сепак најави дека во скафандер ќе излезе од изолација и ќе замине во Собрание да гласа за иницијативата.