Министерот Спасовски не знае каде е Катица Јанева, МВР немало обврска да знае без налог од Обвинителството
Ниту министерот Спасовски, ниту пак Министерството со кое раководи, не знаат каде во моментов се наоѓа специјалната обвинителка Катица Јанева, бидејќи, како што изјави денеска во Прилеп, тие немале обврска да го следат движењето на секој граѓанин.
„Безбедносната состојба во Прилеп е мирна и стабилна и нема елементи за нејзино нарушување и граѓаните треба да бидат спокојни“, вели министерот Спасовски, кој присуствуваше на првата, конститутивна седница на општинскиот Совет за превенција. Според него, двете последователни бомби кои го вознемирија градот, биле случаи на кои Министерството интензивно работи и дека нивното расчистување било пред самиот финиш.
Министерот Спасовски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денешното конституирање на Советот за превенција, кој ќе брои петнаесетина луѓе, одбиваат да го поврзат со последните се’ позачестени прозивки на граѓаните кон нив за нарушената безбедносна состојба во градот, а особено не со бомбите. Според нив, формирањето на овој Совет било редовна активност на Министерството.
Исто така, Спасовски, констатираше и значително намалување на криминалитетот, како во Прилеп, така и на ниво на држава. Запрашан за тоа дали до Министерството веќе пристигнуваат пријави од бизнисмени за евенутален рекет кој се вршел врз нив, тој одговори потврдно, но без да прецизира бројка.
Со цел зголемување на безбедноста на граѓаните, министерот Спасовски, до крајот на август најави и повторно враќање на ПС од Прилеп на ниво на Сектор за внатрешни работи.